Високи затворски казни, од над 5 години, им се закануваат на осомничените во акцијата ,,Ботокс”

На осомничените во акцијата ,,Ботокс”, која беше спроведена од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во МВР, под раководство на јавен обвинител од Обвинителството на гонење на организиран криминал, им се заканува високи затворски казни, од над пет години.

Иако со законските измени на Кривичниот законик беше намалена казната за ,,Злосторничко здружување”, и сега санкцијата е до пет години, сепак второто дело за кое се гонат осомничените е ,,Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“, за кое е предвидена затворска казна над 5 години. Членот предвидува висока казна во случај кога станува збор за организирана група и кога со делото е предизвикана опасност за животот и здравјето на луѓето.

Во овој случај осомничените се товарат дека со фалсификувани ботокси, кои се сметаат за лек, и филери, кои се медицинско помагало, го загрозиле животот на граѓаните кои биле подложени на инектирање. Граѓаните сметале дека се разубавуваат со безбеден лек, но станува збор за фалсификати од Турција, Кореја и Србија.

Од МВР и Обвинителството појаснија дека се поднесени кривични пријави против 19 физички лица и шест фирми.

-Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО ГОКК поднесе кривична пријава против 19 физички лица и шест правни лица, и тоа: против Н.А. (43), С.К. (46), А.К. (41), М.Ѓ. (47), Ѓ.С. (32), С.М.С. (31) и В.С. (49) за „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ (чл.285 ст.5 во врска со ст.1 и 2 од КЗ) и „злосторничко здружување“ (чл.394 ст.1 од КЗ), против В.А. (61), Р.Т.Ѓ.(53) – косопственичка на правно лице од Скопје, Н.К. (42)- вработена како доктор во ЈЗУ „8 Септември“, А.К. (45)- вработен како доктор во ЈЗУ „8 Септември“, Д.Ф. (44)- вработен во ЈЗУ „Универзитетска клинка за дерматологија Скопје“, М.И.В. (38)- вработена како доктор во ЈЗУ „8 Септември“, А.Т. (27), С.Ф. (36)- управител на правно лице од Скопје, К.А. (53)- управител на правно лице од Битола, О.Д. (65)- управител на правно лице од Скопје и С.А. (40)- управител на правно лице од Скопје за „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ (чл.285 ст.5 во врска со ст.1 и ст.2) во врска со чл.22 „соизвршителство“ и „злосторничко здружување“ (чл.394 ст.2) од КЗ, А.М. (38) за „примање поткуп“ (чл.357), „злосторничко здружување“ (чл.394 ст.2) и „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ (чл.285 ст.5 во врска со ст.1 и ст.2) во врска со чл.22 „соизвршителство“ од КЗ и против пет правни лица од Скопје и едно од Битола за „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ (чл.285 ст.6 во врска со ст.1 и 2) од КЗ, се навесува бо соопштението.

Оттаму појаснуваат што точно било пронајдено и одземено при претресите.

-При претресите пронајдени и одземени се поголемо количество на медицински лекови и помагала (филери, ботокс, хилурон), 39.285 евра, 2490 швајцарски франци и 26.000 денари, патничко возило марка „порше“, поголема количина на парфеми и декларации за истите, мобилни телефони, тревкаста материја и др, велат од МВР.

Од Министерството за внатрешни работи откриваат дека илегалните ботокси и филери биле набавени од Србија, Кореја и Турција.

-Во текот на 2026 година, пријавените Н.А., С.К., А.К. и М.Ѓ. создале злосторничко здружување со подрачје на делување во Скопје и околината, кон кое подоцна се приклучиле В.А., А.М., Р.Т.Ѓ., со користење на правно лице од Скопје, како и пријавените Ѓ.С., С.М.С., В.С. како организатори на злосторничко здружување со подрачје на делување во Скопје и Источна Македонија, кон кое подоцна се приклучиле пријавените Н.К., А.К., Д.Ф., М.И.В., А.Т., С.Ф., К.А., О.Д., со користење на правни лица од Битола и Скопје. Со намера да се стекнат со противправна имотна корист од големи размери набавиле фалсификувани медицински лекови и медицински помагала (ботокс) од Србија, Кореја и Турција. Овие медицински лекови и помагала биле внесени на нелегален начин на територијата на нашата држава со намера истите да ги складираат, дистрибуираат и продаваат, помогнати од членовите на злосторничкото здружување, во поголемиот дел доктори по професија, и да ги употребат – аплицираат на трети лица. Пријавените иако биле свесни и знаеле дека набавената стока претставува лек и медицинско помагало, согласно Законот за лекови и не била увезена согласно пропишаните правила, како и дека за истата не било издадено упатство и декларација со одобрение од МАЛМЕД, истите вршеле естетски корекции, со што предизвикале општа опасност по животот и здравјето на луѓето.

Пријавениот А.М., во својство на царински службеник со намера да оствари за себе противправна имотна корист и да им помогне на пријавените организатори, примил поткуп во два наврати за да изврши службено дејствије кое не би смеел да го изврши, односно овозможил влез на нелегалната стока без да биде извршена царинска контрола на пристигнатите две кутии со лекови, додаваат од МВР.

 

Back to top button
Close