„Вистината е конкретна“ – Бертолд Брехт

За посебното животно сведоштво на една од најдрагите пријателки во Германија од постарата генерација, кое завршуваше со цитатот на оваа Брехтова мисла. Пишува Кица Колбе.

  

Врз таванската греда во работна соба во  егзилот во Данска за време на Втората светска војна, Бертолд Брехт ја имаше изрежано реченицата „вистината е конкретна“. Секогаш кога помислувам на него и на оваа реченица,  мислам и на една од моите најдраги пријателки во Германија од постарата генерација. Нејзиното посебно животно сведоштво завршуваше со цитатот на оваа Брехтова мисла.

Мојата пријателка беше од генерацијата  Германци кои во Втората светска војна беа студенти. Почина во длабока старост. Родена беше на почетокот на дваесеттите. Нејзиниот еманципиран и слободарски дух  правеше сите да ја доживуваме како многу млада. Се запознавме на едно предавање на кое говорев за  „Повеста за големиот инквизитор“ во делото „Браќа Карамазови“ на Фјодор Достоевски. Не‘ поврза љубовта за Хелдерлин, за  Кафка и за Моцарт. Една тема беше постојано присутна во нашите разговори. Филозофијата на Теодор В. Адорно и паметењето на Аушвиц. Како Адорно, и таа Аушвиц го доживуваше  како отворена рана.  Длабоко беше повлијаена од духот на 68-тата што од неа направи левичарка, која до крајот на животот и‘ остана верна на најдобрата традиција на старите германски социјалдемократи како Вили Брант и Хелмут Шмит. Тие, кои како неа, го имаа доживеано лудилото на Втората светска војна. Блиска и‘ беше и борбата на феминистките во седумдесеттите  во Германија. Живееше над сите конвенции. Полна со самоиронија за себе, но  со восхит  за дарбите на другите. Длабоко сочувствуваше со странците, со сите што не беа Германци. Како да имаше нешто за што сакаше да се искупи со бескрајна емпатија со сите што страдаат.

Таа беше докторка по теорија  и историја на литературата. Уште на студиите ја интересирала положбата на жените. Докторирала на  женските ликови во делата на германските романтичари. Освен неколкуте години во Америка, цел животен век го помина како уредничка во една позната келнска издавачка куќа. Мојата несекојдневна пријателка студирала на универзитетите во Јена и Прага. Студиите ги започнала две години пред почетокот на Втората светска војна. Во Прага, каде што бил стациониран нејзиниот вереник, ги продолжила докторските студии. Еден ден, на заминување  ми даде  една стара папка и ме замоли да ја отворам дома. А откако ќе ја прочитам да и‘ ја вратам. „Ќе ми треба и за други  нови пријатели“, се насмевна загадочно. Не издржав до дома. Уште додека одев кон улицата низ нејзината голема градина, ја отворив папката. Во неа  имаше  спис од нешто повеќе од дваесетина страници, отчукани на машина врз веќе пожолтени листови. „Мојата НАЦИ- приказна“ (Meine NAZI-Geschichte) стоеше на првата страна. Во своето сведоштво таа  без разубавување раскажуваше кога татко и‘ станал член на партијата на  Адолф Хитлер. Кога го  развеал на прозорецот  од нивниот стан знамето на Третиот Рајх.

Кога таа, која отсекогаш му се восхитувала на татка си, и самата се зачленила во организацијата на германските девојки. Детално ја  имаше опишано атмосферата на летувањата во камповите на младинската организација, каде што  десетгодишните девочиња времето го поминувале како бескрајна идила, со песни и спорт, со театарски претстави и прослави, ниту малку свесни  дека тоа што го подготвуваат  нивните татковци ќе го донесе најголемото страдање  во историјата на човештвото. Нејзиното семејство не било антисемитско, но било  патриотско, длабоко национално определено поради поразот во Првата светска војна. Ниту како студентка во Јена таа не се посоменевала во идеологијата која ја делеле сите  околу неа. Тоа што  некои од нив по  војната се преправале дека никогаш не биле пламени нацисти, било уште една причина да ја запише својата „НАЦИ-приказна”. За време на докторските студии во Прага таа била само неколку метри оддалечена од местото каде што бил извршен атентатот врз Хајдрих. Тој настап ја потресол, а и‘ влеал и прв сомнеж во  „целиот театар на Хитлер“, пишуваше таа. Во мигот кога нејзиниот вереник истрчал во командатурата и останал таму цела ноќ, се исплашила  дека тој можеби ќе апси невини луѓе. Оттогаш се‘ повеќе се  сомневала. Но, уште недоволно за да може да се соочи со горчливата вистина. Кога нејзиниот ментор побарал од неа да ја преработи докторската и да го вклучи во неа учењето за ариевската раса, а таа  наивно прашала што има врска Хелдерлин  со Ариевците, тој и‘ наредил да го стори тоа,  доколку  не сака да заврши во затвор. Тогаш првпат насетила дека зад патриотските песни за убавината на татковина и за гордиот германски народ  се крие нешто стравотно. Кога се обидела за тоа да зборува со  родителите, тие и‘ забраниле да си поставува такви прашања. Кусо потоа нејзиниот вереник бил испратен на фронтот во Русија, каде што набрзо загинал. Таа добила работа како наставничка по германски во гимназија во Лотрингија. Таму ја дочекала капитулацијата.По војната секој морал да помине низ процес на „денацификација“. За неа тоа значело дека и нејзината докторска теза требала да биде  „денацифицирана“ со тоа што била подложена на „идеолошка“ проверка. Се изненадила кога на сослушувањето бил присутен  германскиот професор кај кого  студирала во Јена. Знаела дека и тој бил пламен нацист. Со истиот тон, со кој неговиот колега  три години претходно во  Прага и‘ наредил да го вклучи „ариевскиот дух” во докторатот за романтизмот, сега овој и‘ наредил да го  исфрли од докторатот  „ариевското ѓубре“, со што потоа   се‘ ќе било „чисто“.  Таа, меѓутоа, знаела дека ништо повеќе нема да биде „чисто“ за неа. Во мигот се згрозила засекогаш од сите патриотски, расни и национали  идеологии. Останал само длабокиот срам  поради тоа што предолго верувала во  идиличната слика која им ја сугерирала пропагандата на Третиот Рајх. Вистината ја сознала кога кусо потоа во филмските извештаи ги видела  ридовите од мртвите тела на Евреите убиени во Аушвиц. Еднаш ми рече, „Адорно имаше право кога рече  дека  е варварски да се пишува лирика после Аушвиц”.

Своето сведоштво таа го заврши со реченицата: „ова е мојата  НАЦИ-приказна која ја раскажувам за моите пријатели од длабок срам пред нив и пред светот.“ Мојата мудра стара германска пријателка сметаше дека таа, но и  многу други Германци   како неа, кои никогаш не биле на фронтот, никогаш никого не убиле со свои раце, сепак  биле вовлечени во злосторството.Со тоа што  поверувале во националсоцијалистичката идеологија, во расната теорија за ариевска раса. Со тоа и тие учествувале во стигматизирањето на Евреите со  расните закони, за кои сите знаеле. Тие закони ги натерале Евреите да ја носат жолтата ѕвезда. Тие закони го  создадоа  системот на индустриското убивање на  Евреите во логорите како Аушвиц. „Вистината е конкретна“, вели Бертолд Брехт, беше последната реченица во нејзиното сведоштво. Кога и‘ ја вратив папката, ја прашав на кои пријатели им ја дава да ја прочитаат.

„На сите, на младите и на постарите. Но особено  на тие како Тебе, кои не се по потекло Германци. Сакам да знаете каде бев и што правев во Третиот Рајх“, ми одговори. Знаела дека тие како мене постојано за своите постари германски пријатели и роднини се прашуваат: „каде беа тие кога се одигруваше Аушвиц?“ Навистина, тоа беше прашањето кое од првиот миг во Германија си го поставував во средбите со Германците од предвоените  генерации. Оваа моја пријателка ги изразуваше со својата личност сите особини на германскиот дух, уметност и филозофија,  на кои им се восхитував уште пред да дојдам во Германија. Но, таа го поседуваше и оној особен сензибилитет на голем број Германци, кој го запознав дури во Германија. Сензибилитетот  на тие Германци кои по војната длабоко се срамеа за сето зло кое германскиот народ им го нанесе на еврејскиот народ и на другите народи во Европа. Тие Германци  беа оние кои на идните генерации им помогнаа да размислуваат критички, затоа што најнапред тие самите беа самокритични, соочувајќи се безмилосно со сопственото минато во Третиот Рајх. Тие им го покажаа патот  на младите генерации во Германија на кој овие  се соочија со минатото на своите предци. За да сфатат дека демократијата значи и  одговорност за тоа Аушвиц никогаш повеќе да не се повтори.

Back to top button
Close