Вистината за Еуростандард банка е една и единствена – убиство со умисла
Почитувани читатели, гостував на ТВ Канал5 , како гостин на главниот уредник Иван Мирчевски во неговиот сериозно посветен поткаст, насловен „На кавга со Иван”. Дебатата беше динамична и во мене предизвика силни емоции за прашањето поврзано со стечајот на Еуростандард банка.
Фактите кои што ги пишувам изминатите пет години, укажуваат на недвосмисленост кога правдата е во прашање. Факт е дека институциите на системот поврзани со Еуростандард банка, како што се Народна банка на РМ и Техничка влада на РМ, затаиле, бидејќи Народна банка и Техничката влада не користеле инструменти кои што им биле на располагање, за спасување на банката. Очигледно е дека Еуростандард банка е една од многу ретките банки на светско ниво, која во стечајната маса обезбедува сто процентна исплата на сите нејзини правни и физички клиенти. Такво нешто при стечај на банки низ светот не постои!
Ставовите на Народна банка, дека долго време вршеле притисок за докапитализација на банката, се чиста лага. Лага е дека и ние како семејство не сме сакале да ја докапитализираме банката и да ја спасиме.
Госпоѓата Бежоска, тогашен и денешен актуелен Гувернер на Народна банка „мува не ја лази” за нејзината донесена и потпишана одлука за носење на Еуростандард банка во стечај. Таа како гувернерка имаше на располагање силни инструменти за да ја спаси банката. Нејзината сервилност кон структурите кои ја поставиле на местото гувернер, укажува дека таква личност е заталкана во процесот на извршување ваква сериозна функција. Цели три месеци одбиваше да прифати средба со потенцијалниот партнер од Дубаи за докапитализација на банката, иако оваа фирма ги исполнуваше сите услови да стане официјален инвеститор во банката. Госпоѓата Бежоска не презема мерки какви што се: вонредни мерки за одземање лиценци на членови на Надзорниот и Управниот одбор и изрекување сериозни казни. Госпоѓата Бежоска ја прескокна алатката, која ја имаше на располагање во свои раце, а таа е воведување администрација во банката со цел во периодот од 12 месеци да се донесе конечна одлука дали банката има право на живот или да се носи во стечај.
Многу личности од јавниот и политички живот на нашава држава имале информации една година наназад дека Еуростандард банка ќе се носи во стечај! Не можам да ја разберам позадината на овој гест на госпоѓа Бежоска, само 6 месеци пред стечајот на Еуростандард банка, кога докапитализиравме во банката 13,5 милиони евра, нов свеж капитал.
Заклучувам. На госпоѓата Бежоска, јас и моето семејство ѝ бевме ставени на отстрел, не поради нејзиниот анимозитет кон мене и моето семејство, туку поради наредбите коишто ги добиваше од сивата еминенција која за жал и тогаш и денес сѐ уште владее со Република Македонија.
Започнатите реформи во судството и обвинителството за мене се силен исчекор за моите исчекувања дека правдата на крајот ќе победи.
Измамите од системот, кои што лично ги доживеав во мојата Македонија, се големи и со сериозни последици, не само на материјален туку и на духовен план.
Дозволивме организираниот криминал да биде единствениот владетел на Република Македонија.
До кога ќе бидам фрустриран од македонското законодавство? Не е само случајот со Еуростандард банка. Сличен е системот и во случајот со Кермес, Градски аптеки и Порцеланка – Велес.
Доста е. Го кревам својот глас, дека не смее и понатаму да се толерира ваков злостор врз стопанственици кои го креираат општествениот и стопански развој на земјата. Не сум во прашање само јас и моето семејство, цената на овој злостор ја плаќаат граѓаните на Република Македонија. Да се имаше малку повеќе „сенс”за вистинските потреби како да се гради нашата држава, денес во Македонија ќе ги имавме прекрасните објекти како Кермес во Центарот на Градскиот парк, Фабриката Порцеланка, а Еуростандард банка уште повеќе ќе се развиваше. Осигурителната компанија Еуролинк немаше да ја продадеме, а Негорски бањи ќе беа совршенство на еден бањски туризам не само во Македонија, туку и на Балканот. Кој губи драги мои сограѓани? Вие ги губите убавините кои што сакав да ѝ ги подарам на мојата сакана Македонија.
Трифун Костовски