Вистината за летното сметање на времето
Зошто губиме еден час сон и кој всушност има корист од тоа? Откријте интересни факти, митови и неочекувани последици од летното сметање на времето (ДСТ).

Додека поголемиот дел од Европа се подготвува да ги помести часовниците еден час нанапред на 29 март, милиони луѓе ќе се соочат со ритуалот на летното сметање на времето (ДСТ – Daylight Saving Time).
ДСТ најчесто се забележува во региони каде што разликата меѓу долгите летни и кратките зимски денови прави поместувањето на времето да изгледа корисно.
За новодојденците во овие делови од светот, ДСТ на почеток може да биде збунувачко. Ако пропуштите состанок или пристигнете прерано на некој настан, може љубезно да ве потсетат со реченицата: „Пролет напред, есен назад“, што значи дека часовниците се поместуваат еден час нанапред во пролет, а еден час наназад во есен.
На северната хемисфера, ова обично се случува во март и октомври, додека земјите од јужната хемисфера како Австралија, Нов Зеланд и Чиле го применуваат обратно — времето се поместува напред во септември или октомври, а назад во април.
Сè е релативно
Глобално, само околу една третина од земјите го применуваат ДСТ. Поголемиот дел од Африка, Азија и тропските региони воопшто не го користат. А дури и во земјите каде што се применува, тоа може да биде нерамномерно.
На пример, во САД, сојузните држави Хаваи и Аризона, кои имаат многу сонце во текот на целата година, не го применуваат ДСТ.
Симболична слика за промена на времето со будилникСимболична слика за промена на времето со будилник
Летното сметање на времето напролет значи еден час помалку сон во поголемиот дел од ЕвропаФотографија: Micha Korb/pressefoto_ko/picture alliance
Аризона има интересен феномен наречен „Аризонска крофна на летното сметање на времето“: иако државата Аризона не го применува ДСТ, Навахо етникумот на нејзиниот североисток го применува. Но… Навахо етникумот го опкружува резерватот Хопи, каде тоа не се применува — оттука „крофната“ што ви овозможува да поминете низ три временски зони во овој регион.
Исто така, не сите австралиски држави го следат ДСТ, но во Нов Зеланд се применува на национално ниво.
Зошто да се „штеди“ дневната светлина?
Всушност, еден Новозеланѓанец се смета за првиот што ја предложил оваа идеја. Во 1895 година, Џорџ Вернон Хадсон, поштенски работник и аматерски ентомолог, предложил поместување на часовниците за да има повеќе вечерна светлина за собирање инсекти.
Тој ја изложил својата идеја пред Филозофското друштво во Велингтон, тврдејќи дека поместувањето на времето за два часа наназад во лето би овозможило користење на раната утринска светлина за работа и би обезбедило „долг период на дневна светлина“ навечер „за крикет, градинарство, возење велосипед или која било друга посакувана активност на отворено“.
Неговата идеја не била веднаш прифатена, но поставила темели за идни промени.
Десет години подоцна, британскиот градежник Вилијам Вилет ја осмислил идејата за ДСТ за време на утринско јавање во 1905 година. Иако неговата идеја — изложена во брошурата „Расфрлање на дневната светлина“ — била поддржана од личности како Винстон Черчил и авторот на „Шерлок Холмс“, Артур Конан Дојл, парламентот повеќепати ја одбил. Вилет се залагал за промената сè до својата смрт од грип во 1915 година.
Ентомолог фотографира инсект со смартфонЕнтомолог фотографира инсект со смартфон
Идејата за ДСТ првпат ја споменал ентомолог за да има повеќе време да фаќа инсектиФотографија: Elena Goosen/Zoonar/picture alliance
Сепак, само една година подоцна, Британија се приклучила на Франција и САД во воведувањето на ДСТ, откако Германија станала првата земја што официјално го вовела за да штеди јаглен за време на Првата светска војна.
Интересен факт: правнукот на Вилет, фронтменот на Колдплеј, Крис Мартин, го има напишано хитот „Часовници“ во 2002 година.
Фолклор што опстојува
Низ историјата, ДСТ привлекол и митови.
Еден од нив погрешно му го припишува неговото измислување на Бенџамин Френклин поради неговиот сатиричен есеј од 1784 година „Економичен проект“. Живеејќи во Франција, тој се изненадил што сонцето изгрева толку рано и тврдел дека користењето природна наместо вештачка светлина, како свеќи, би им заштедило многу на парижаните. Во текстот предложил апсурдни мерки — како оданочување на ролетни, ограничување на употребата на свеќи и пукање со топови на изгрејсонце за да се разбуди народот.
Друг мит е дека ДСТ им помага на фармерите. Иако изгледа логично — повеќе светлина значи повеќе време на нива — фармерите долго време се противат на ДСТ, бидејќи добитокот не се прилагодува на човечките часовници, а промените го нарушуваат нивниот ритам.
крави на ливадакрави на ливада
Животните реагираат на циклусите на природата, а не на човечкото времеФотографија: Rene Traut/Rene Traut Fotografie/picture alliance
Каква врска има ДСТ со Ноќта на вештерките?
Една од најчудните приказни е поврзана со американската индустрија за бонбони. Во книгата „Напролет напред: Годишното лудило на летнто сметање на времето“ (2009), авторот Мајкл Даунинг тврди дека лобисти ставале бонбони во облик на тиква на седиштата на американските сенатори за да го поттикнат продолжувањето на ДСТ и по Ноќта на вештерките (31 октомври).
Повеќе дневна светлина значела подолго „trick-or-treat” (традиционален обичај на Ноќта на вештерките, кога се оди од куќа до куќа и се добиваат слатки) и поголема продажба на бонбони.
Претставниците на индустријата за слатки го негирале активното лобирање, но времето било интересно: во 2005 година, Конгресот го усвои Законот за енергетска политика, со кој ДСТ се продолжува до првата недела во ноември, почнувајќи од 2007 година. Случајност или паметен тајминг? Вистината, како и бонбоните, останува „леплива“.
Само уште еден „поспан понеделник“
Но ДСТ не го менува само времето — туку влијае и врз телото, однесувањето, па дури и навиките на интернет.
Студија од 2012 година објавена во Journal of Applied Psychology забележала пораст на „сајбер-скитање“ — приватно сурфање на интернет на работа — во понеделникот по пролетното поместување, кога ненаспани вработени тешко се концентрираат.
Поспаноста може да биде и опасна: студија од 2020 година објавена во Current Biology покажала дека смртоносните сообраќајни несреќи во САД се зголемуваат за 6% во неделата по пролетната промена на времето.
Повторно враќање назад
Поради нееднаквата примена на ДСТ, не е изненадувачки што тоа е предмет и на политички дебати.
Во САД, Законот за заштита на сончевата светлина, кој предвидува ДСТ да стане постојано, беше усвоен во Сенатот во 2022 година, но заглави во Претставничкиот дом.
Претседателот Доналд Трамп се огласи во април 2025 година, повикувајќи на „повеќе дневна светлина на крајот од денот“ и опишувајќи ја промената на стрелките на часовниците како „МНОГУ СКАП НАСТАН“.
Јавното мислење исто така се менува: 64% од Американците во анкета на YouGov од февруари 2026 година рекле дека би сакале целосно укинување на промените на времето, при што повеќето преферираат постојано летно сметање на времето.
И Европската Унија долго време дебатира за укинување на ДСТ, но засега сѐ останува како што е – нејзините жители веројатно ќе жалат за изгубениот час сон на 29 март и ќе се радуваат кога ќе можат повторно да го притиснат копчето за одложување на будењето на 25 октомври. (Dw)






