Виткоф и Келог ќе одат во Истанбул на потенцијалните разговори меѓу Русија и Украина
Главните претставници на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Кит Келог, во четврток ќе бидат во Истанбул на потенцијалните разговори за тоа како да се стави крај на војната во Украина, соопштија денеска три извори запознаени со плановите.
Високо рангиран американски функционер, меѓутоа, изјави дека сè уште не е познато дали некој од руската Влада ќе се појави, пренесуваат британските медиуми.
Белата куќа, Стејт департментот, Советот за национална безбедност и портпаролот на Виткоф не одговорија веднаш на барањето за коментар.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на разговорите во Истанбул само доколку таму биде рускиот претседател Владимир Путин, изјави денеска помошник на украинскиот лидер, предизвикувајќи го Кремљ да покаже дека е искрен во својата потрага по мир.
Москва досега не соопшти дали Путин ќе отпатува во Турција.
На директно прашање кој ќе ја претставува Русија на преговорите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека ќе го објави тоа штом рускиот претседател ќе смета за соодветно.
Висок американски функционер изјави дека Вашингтон не очекува дека руската страна ќе го соопшти својот конечен став до четврток наутро.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека, доколку биде потребно, тој ќе дојде на состанокот во Истанбул