„Виз Ер“ до 14 јуни нема да има летови до и од земјава

Ниско-буџетната авиокомпанија „Виз Ер“ најави дека ќе ја продолжи суспензијата на сите летови до земјава до 14 јуни. Суспензијата, како што наведуваат во соопштението, е резултат на продолжените рестрикции за патување наменети за сите странски летови од и до Република Северна Македонија.

Патниците со резервирани билети погодени од овие суспендирани летови што ги направиле резервациите директно на wizzair.com или на мобилната апликација на авиокомпанијата, ќе бидат автоматски известени преку електронска порака, информира компанијата и додава дека 120 проценти од целата сума ќе им бидe автоматски префрлена на Wizz сметката кои ќе може да ги искористат во текот на наредните 24 месеци за купување на сите производи и услуги на „Виз Ер“.

Патниците, исто така, можат да одберат опција за враќање на парите – за која треба подолго време да се реализира – и ќе бидат информирани за сите потребни чекори за трансфер на парите преку банка или преку картичка во посебна електронска порака. Во овој случај, ќе можат да изберат 100 проценти поврат на сумата.

Патниците кои направиле резервација преку туристички агенции – вклучувајќи ги и онлајн туристичките агенции, треба да ја контактираат компанијата преку која ги купиле своите билети.

„Виз Ер“, стои во соопштението, искрено се извинува за непријатностите со кои патниците се соочуваат како резултат на забраните за патување и ги уверува своите патници дека сигурноста и добро-состојбата на патниците и екипажот останува нивен приоритет.

Back to top button
Close