„Виз Ер“ воведува летови до Скопје од Будимпешта и Наполи, а до Охрид од Катовице, Вроцлав и Милано
Со субвенции од државата се воведуваат уште пет нови авиолинии. До Скопскиот аеродром од 6 април следната година ќе се лета од Наполи и Будимпешта, а до Охридскиот аеродром од 28 јуни од Катовице, Вроцлав и Милано, објавија денеска на прес-конференција вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и Џозев Варади, главниот извршен директор на Виз Ер.
Николоски соопшти дека „Виз ер“ на Скопскиот аеродром од следната година ќе има постојана флота со шест авиони и оти прави замена на постојните Ербас А320 со Ербас А321 нео. Бројот на 200-те вработени од државава во авиокомпанијата се планира да се зголеми за 100.
Како што посочи Николоски, авиокомпанијата ќе го зголеми капацитетот за патници за околу 50 проценти од следната година и ќе понуди 3.300.000 седишта за Македонија.
– Имаме навистина убава оперативна платформа во земјата, шест летала до крајот на годината, рути од Скопје и Охрид и над 200 вработени во земјата, а сето тоа доаѓа до 3,3 милиони седишта што ќе бидат достапни во 2026 година што е голем скок во однос на 2012 година, рече Варади.
Како што информира Николоски, субвенциите за авиокомпанијата ќе изнесуваат по девет евра по патник на доаѓање на Скопскиот аеродром и 12 евра на Охридскиот аеродром.