Вкупно 14 милиони денари помош од МАТТО за настраданите од земјотресот во Турција

– Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО) ќе донира 14 милиони денари помош за настраданите граѓани од катастрофалниот земјотрес во Турција.

Управниот одбор на МАТТО денеска донел одлука да пренамени два милиона денари од Комората за помош, а дополнителни 12 000 000 денари се собрани од нејзините компании-членки.

Средствата до петок, 10 февруари, преку наменската сметка отворена во Халк Банка АД Скопје ќе се префрлат на сметката на Центарот за управување со катастрофи и вонредни состојби на Турција (АФАТ).

МАТТО информира и дека во рамки на Комората е формиран посебен Кризен штаб кој ќе координира со сите донации што членките на МАТТО или други правни и физички лица доброволно сакаат да ги донираат на настраданите од земјотресот во Турција. Обезбеден е логистички центар, магацин, како и транспорт до крајната дестинација. Сите заинтересирани правни и физички лица можат да се јават на контакт телефонот на Кризниот штаб +389 2 310 12 20; +389 70 302 780.

-Ги покануваме сите правни и физички лица кои сакаат и можат да им помогнат на настраданите од катастрофалниот земјотрес во Турција да се приклучат на кампањата со помош преку директни донации во наменската сметка во Халк Банка или преку материјални добра како конзервирана храна, ќебиња, грејни тела, зимска облека (нова), пелени, бебешка храна, надворешни батерии за полнење на телефонски уреди, наведуваат од МАТТО.

Back to top button
Close