Влада: Ќе се основа Факултет за медицински науки и здравство при Битолскиот универзитет

  • 7

Владата денеска на 74-тата седница усвоила информација за потреба за основање Факултет за медицински науки и здравство при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Владината прес-служба наведува дека формирањето на факултетот „претставува стратешка неопходност за унапредување на здравственото образование особено во Пелагонискиот и Југозападниот регион на Република Северна Македонија“ и оти тој „ќе има задача да биде правен наследник на Високата медицинска школа, каде освен тригодишни студии ќе може да се акредитираат четиригодишни студиски програми по медицински сестри и акушерки“.

Министерството за образование и наука предложило Факултетот за медицински науки и здравство при УКЛО Битола да отпочне со работа од студиската 2026/2027 година, а во меѓувреме да се завршат сите постапки согласно Законот за високо образование.

-Потребно е време да се испочитуваат мислењата од сите надлежни институции, како на пример да се разгледа проектот за основање на Факултетот за медицински науки и здравство како единица во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола од страна на Одборот за акредитација на високото образование, да се донесе закон за основање, и да се испочитува членот 149 од Законот, каде е наведено дека запишувањето на студии се врши врз основа на јавен конкурс кој го објавува универзитетот, односно самостојната висока стручна школа кој ги реализира студиите најмалку пет месеци пред започнувањето на наставата, се наведува во соопштението од Прес-службата на Владата.

Back to top button
Close