Влада: Иницијатива за итно решавање на проблемот со водоснабдување на селото Синичане

Во Владата денеска се одржа средба на која присуствуваа министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерот за локална самоуправа Горан Милески, министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, градоначалникот на Oпштина Боговиње Албон Џемаили и претставници од месните заедници на тетовските села Синичане и Урвич, на која се разговараше за настанатите проблеми со водоснабдувањето во овие две села.

Целта на состанокот, како што соопшти владината прес-служба, беше да се разговара со сите засегнати страни за да се разберат причините за настанатата ситуација, како и да се увиди што презела досега Oпштината за решавање на снабдувањето на вода за пиење и наводнување за потребите на локалното население.

Нухиу истакна дека присуството на полициските службеници на местото каде почнаа работни активности минатиов период било исклучиво по барање на жители на околните села и проценка на полицијата по изработен оперативен план, со цел да не дојде до посериозно нарушување на јавниот ред и мир.

– Откако сите засегнати страни имаа можност да ги искажат своите мислења во врска со настанатата ситуацијата околу изградбата на водовод за жителите на Синичане, беше утврдено дека полицијата е добредојдена од сите за одржување на редот и мирот, а беше побарано од градоначалникот на  Oпштина Боговиње во текот на утрешниот ден да оствари заедничка средба со претставници од двете села со цел надминување на несогласувањата и изнаоѓање на заедничко решение, се вели во соопштението.

Од изнесеното на средбата било заклучено дека од Општината сè уште не е изготвена потребната проектна документација за изградба на систем за водоснабдување за селото Синичане. Со цел побрзо решавање на проблемот и обезбедување вода за пиење за жителите, присутните владини претставници изразиле подготвеност Владата да даде поддршка на сите засегнати страни и да и помогне на Општината во обезбедување на потребната техничка документација, како би се обезбедило трајно решение за прашањето со снабдување со вода за популацијата во овој регион.

Back to top button
Close