Влада: „Македонски“ може да се види секаде на саемот во Белград, а буџетот што се троши е директна поддршка за бизнисот


Придавката „македонски“, посочуваат од Владата, ја има секаде во промотивниот материјал за саемот кој се дистрибуира на повеќе јазици, а буџетот покрај за рекламите, според објаснувањето оттаму, е наменет и за „Македонската вечер“ што ќе се организира во Белград, како и за еднодневниот фестивал закажан за 7 септември во Струмица
ВМРО-ДПМНЕ претходно ја обвини Владата дека среде криза троши 400 илјади евра за промоција на саемот за вино, храна и туризам и праша дали наместо да се доделат пари на агенцијата „Рејтинг“, работата не можеле да ја завршат владините служби за многу помалку пари. Исто така, опозицијата тврдеше дека власта забранува во промотивниот материјал да се користат зборовите „Македонија“ и „македонско“

Придавката „македонски“ ја има секаде на промотивниот материјал на Саемот за храна, вино и туризам во Белград, а парите што се трошат за активностите таму се директна поддршка на бизнисот од што се очекуваат повеќекратни придобивки.

Вака, во една реченица, може да се сумира одговорот на Владата откако опозицијата на прес-конференција денеска обвини дека среде криза се трошат 400 илјади евра за промоција и се бара во промоцијата да не се споменува „Македонија и „македонско“
Апелираме да не се шират невистини, кои ни носат само штета. Настанот во Белград е значаен за промоција и поддршка на македонската економија и извозниот потенцијал на македонските вина и храна, но и важен за развој на туризмот како и за поврзување и заедничка соработка на земјите од регионот. Придавката ’македонски‘ може да се види секаде на промотивен материјал и е составен дел од сите материјали со кои се промовираат македонските производи, храна, вино и туризам. Сите досега објавени материјали во јавноста ја содржат таа придавка и истата е составен дел од материјалите на другите јазици“,
велат од Владата во одговорот до „360 степени“.
За парите за промотивни активности, пак, велат дека се наменети за поддршка на македонските винарии и компании кои учествуваат на саемот, што според Владата, е директна поддршка на бизнисот.

Согласно сериозноста и обемот на Саемот, промоцијата е наменета да се поддржат македонските винарии вкупно 42, три дестилерии и 10-тина производители на храна, како и промоција на туризмот, што е промоција на нашата економија. Воедно, напоменуваме дека се вклучени и буџетот опфаќа повеќе активности како што е посебниот настан ’Македонска вечер‘ со 400 посетители, бизнис заедницата од регионот и пошироко на кој македонските компании ќе се вмрежуваат и ќе го прошират својот извозен потенцијал“,велат од Владата.

Во објаснувањето за што се трошат предвидените пари оттаму посочуваат дека промотивните материјали како видеа, прошири и кампања на социјалните мрежи се на повеќе јазици, се дистрибуираат во сите три земји кои се дел од Отворен Балкан (Албанија, Србија и Северна Македонија).

Најавениот регионален фестивал за претставување на винарии од земјава и регионот за 7 септември во Струмица, исто така, е дел од активностите за кои ќе се потроши дел од буџетот
Станува збор за инвестиција која е влог во економскиот развој на државата и проширување на извозот на регионални пазари“,

велат од Владата.
Во обвинувањата, пак, кои ги упатија од ВМРО-ДПМНЕ претходно прашаа дали владините служни за многу помалку пари не можеле да изготват целосна презентација и организација на активностите за саемот.

Договорот за организација на активностите и рекламите поврзани со саемот, како што посочија од опозицијата, е потпишан со агенцијата „Рејтинг“. За тоа, веќе објавивме, на електронскиот систем за јавни набавки (е-набавки) достапни се два договори за оваа намена. Потпишани се на 19 август 2022 година и предмет на договор во нив се: „Услуги за осмислување и реализација на активности за учество на Република Северна Македонија на 4-дневен Саем на вино, храна и туризам во Белград, Република Србија и за осмислување и реализација на 1-дневен Фестивал на храна и вино во Република Северна Македонија“.
Вредноста на договорите е 4 546 540 денари (речиси 74 000 евра) односно 19 171 548 денари (околу 310 000 евра) или вкупно 23 718 088 денари (околу 385 000 евра).

Дел од рекламните видеоспотови и плакати изминативе денови веќе кружат на социјалните мрежи и, како пишувавме, во нив може да се слушне и прочита придавката „македонски“.

Back to top button
Close