Влада: Не чекаме само донации, навреме се почнати процедурите за набавка на вакцини против ковид-19
Не чекаме само донации, се користат сите инструменти и навреме се почнати сите процедури за набавка на вакцина против ковид-19, порача денеска владиниот портпарол, Душко Арсовски.
Тој вели дека се обезбедени 833 000 вакцини за околу 400 000 граѓани и треба да пристигнат во првите месеци од 2021 година. Покрај ковакс механизмот, нагласи Арсовски, во тек се преговори и за директна набавка од комапниите кои ги произведуваат вакцините, а предвиден е и трет механизам преку ЕУ со кој треба да се набават 200 милиони вакцини за земјите членки и дополнителни 100 милиони дози за европските земји надвор од Унијата.
Арсовски рече дека се уште не се знае колку вакцини и кога Бугарија ќе и донира на Македонија. Не се знае ниту кога и колку вакцини треба да стигнат од Грција.
Владиниот портпарол рече дека први ќе бидат вакцинирани лекарите, па хронично болните, возрасните лица и вработените во градинките, а ќе се вакцинират и политичарите.
„Како што најави премиерот Зоран Заев, и тој ќе даде личен пример во насока на давање поддршка во напорите за сузбивање на ковид-19 – истакна Арсовски.
Одговорајќи на новинарски прашања, владиниот портпарол рече дека најголем дел од ковид- пациентите во земјава кои починале, имале и други болести што долнително ја влошиле нивната здравствена состојба.
Вели дека се води евиденција и дополнително ќе биде објавена детална анализа за целиот период, од почетокот на пандемијата.
„Околу 90 отсто имале најмалку една до две други болести, најчесто кардиоваскуларни, пулмолошки болести на бубрезите, дијабет, карцином во понапредна фаза или тешка хирурша интервенција – рече тој.