Влада: Немешањето во внатрешните работи е принципиелен став, а таков став очекуваме и од соседна Бугарија

Соопштение на Владата:

Со Договорот од 1 август 2017 година, Северна Македонија и Бугарија потпишаа дека ќе обесхрабруваат провокации кои не се во интерес на ниту една страна, дека нема да влегуваат во круг на навреди, обвинувања и говор на омраза, кои не носат ништо добро за никого, а најмалку за македонскиот и за бугарскиот народ.

Наместо тоа, Договорот обврзува да се одржува европски дијалог и да се почитува и применува целосно, вклучувајќи го и темелниот принцип за немешање во внатрешните работи на двете земји.

Имаме разбирање за внатрешна политичка предизборна состојба во Бугарија и комплицираниот изборен тек, но сметаме дека тоа не е причина за политички пораки за кампањски потреби кои излегуваат од рамката на европските вредности и принципи за почитување на кој е изграден Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Таквите тонови не се доживуваат како пријателски од страна на македонските граѓани. Немешањето во внатрешните работи е принципиелен став, а таков став очекуваме и од соседите.

Постигнувањето договори и нашата посветеност на нивната имплементација, меѓу другото, се потребни за помирување на народите и државите во нашиот регион за да живееме во траен мир, и да развиваме трајно пријателство, како што тоа го правиме со сите наши останати соседи.

Остануваме посветени на дијалог со Софија и барање на взаемно прифатливо решение за прашањата што се отворија. Република Северна Македонија покажа максимална проактивност и политичка волја да се доразјаснат одредени дилеми и понудивме одговор на повеќе од покренатите прашања. Континуирано работиме на активна имплементација на договорот.

Решенијата не се во минатото, тие се во иднината, а иднината бара дијалог, не монолог за внатрешна употреба. Кога станува збор за земја членка на ЕУ и за земја со потврдено признание дека ги исполнила сите услови за почеток на преговори за членство, дијалогот е единствено решение за билатералните прашања и за изнаоѓање меѓусебно разбирање.

Република Северна Македонија е подготвена за тој дијалог. Време е Бугарија да ја покаже истата подготвеност.


Со почит,

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close