Влада: Отфрламе какво било селективно или ограничено информирање на медиумите до информации од јавен интерес

Со највисока одговорност сакаме да ја информираме јавноста во врска со изнесените ставови од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). Категорично истакнуваме дека во ниту еден момент не било направено селективно информирање на медиумите, ниту пак ограничување на нивниот пристап до информации од јавен интерес. Станува збор за ситуација во која медиум пред просториите на Клиниката за пулмологија и алергологија побарал изјава, по што – во духот на транспарентноста изјавата беше дадена. Тоа не претставува официјална покана упатена кон еден медиум, туку практика на отвореност кон секој кој ќе побара информација, се вели во соопштението од Владата што МИА го пренесува интегрално.

Во таа насока, со должно почитување кон медиумската заедница, потенцираме дека секогаш е од исклучителна важност сите недоразбирања да бидат разјаснети преку непосредна комуникација со институциите, пред да се изнесуваат јавни квалификации што можат да создадат погрешна перцепција. Цениме дека при ваков начин на презентирање на информации, постои можност да се остави простор кај јавноста за заклучоци кои не се објективни.

Дополнително, информираме дека владиниот тим за односи со јавноста, во духот на високата отчетност, веднаш стапи во директна комуникација и со надлежните и со медиумите и даде дополнителни појаснувања, со што уште еднаш беше потврдено дека принципите на транспарентност и достапност се апсолутен приоритет во нашето работење.

Како Влада ја користиме оваа прилика да ја потврдиме својата цврста определба за највисок степен на транспарентност, кооперативност и професионалност. Од првиот ден вложуваме максимални институционални капацитети за да обезбедиме еднаков пристап за сите медиуми, навремено информирање и целосна отчетност пред јавноста.

И во иднина ќе продолжиме со оваа пракса, уверени дека само преку прецизно, навремено и целосно информирање се гради доверба, се унапредува демократскиот дијалог и се гарантира интересот на граѓаните.

Генерален секретаријат на Влада

Back to top button
Close