Владата ја потврди средбата на Ковачевски со Гаши: Разговарале за актуелни теми


Премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Алтернатива Африм Гаши на средба во Владата разговарале за актуелни теми и за владините политики, велат за „Слободен печат“ од Владата на нашето прашање да ни ја потврдат средбата меѓу владините партнери. Но, од Владата не изнесоа повеќе детали за тоа што разговарале Ковачевски и Гаши.
Како што објавивме, повикувајќи се на висок функционер од Алтернатива, Ковачевски и Гаши раговарале за нереализацијата на договорот на Алтернатива за влез во Владата, пред се за барањето за меѓународна ревизија на судски случаи меѓу кои „Монструм“ и „Диво насеље“, како и за можното зголемување на владејачкото мнозинство со опозициската Алијанса за Албанците.

-Во врска со Вашето прашање сакаме да ве информираме дека претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, има редовни работни состаноци со претседателите на политичките партии кои се дел од владината коалиција. На овие средби се дискутира за актуелните теми како и политиките на Владата на Република Северна Македонија. Овие состаноци се одржуваат на неделно и месечно ниво, се со цел отворена и навремена комуникација помеѓу коалициските партнери, а во интерес на политиките кои ги засегаат граѓаните – велат од Владата.

Од Владата не прецизираат дали во разговорот за актуелните теми Ковачевски го информирал Гаши за евентуален влез на Алијанса во Владата. Партијата на Гаши веќе се произнесе дека нема причина за влез на Алијанса во Владата, освен ако „огнените“ ја напуштат ДУИ, па опозициската партија да влезе како резерва. Во таков случај, според Алтернатива, министерски места ќе треба да отстапи ДУИ.

Нема информација ни што му одговорил Ковачевски на Гаши за барањето Владата да донесе одлука со која ќе се обрати до Европската комисија за меѓународна ревизија на случаите „Монструм“, „Диво насеље“, „Алфа“, „Малиот Алмир“.

извор: слободен печат

Back to top button
Close