Владата донесе одлука да се вратат старите цени на осигурување од автоодговорност при регистрација на возила

Цената на осигурувањето од задолжителна автомобилска одговорност се враќа на ниво од пред 25 април. Оваа одлука е донесена на денешната владина седница.

Одлуката е донесена по предлог на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност при Министерството за финансии кои до Владата доставиле информација со предлог-измени и дополнувања на тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.

Со измените и дополнувањата, како што наведуваат од владината прес-служба, се утврдува опсег од 15 до 30 отсто, во којшто друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност.

„За износ на трошоците над 30 отсто, предвидено е, друштвата за осигурување, да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување“,се додава во владиното соопштение.

Исто така, се додава во соопштението, било утвредено дека Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност, најдоцна до 30 септември, секоја година, до Владата доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година.

Од Министерството за финасии попладнево соопштија дека Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност утврдила потреба од измени на тарифата за премии за осигурување и подготвила предлог-измени со кои се враќа цената на осигурувањето за автоодоговорност на ниво како пред 25 април годинава.

Одлуката е епилог по денешниот нов состанок во Министерството, откако осигурителните компании самоиницијативно ја поскапеа задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила за 15,4 отсто.

Комисијата при МФ предлага измени на тарифата за премии за осигурување со кои трошоците за вршење дејност на осигурителните компании се ограничуваат на 15 до 30 отсто од техничката премија, со што ќе се вратат старите цени.

Осигурителните компании да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците, бара Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност

Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), која е регулатор на пазарот на осигурување денеска соопштија дека целосно е неоправдан потегот со кој осигурителните компании ги зголемија цените на осигурувањето од задолжителна автомобилска одговорност, како и дека зголемувањето на цената на осигурувањето не е во функција на јакнење на заштитата на осигурениците.

Неоправдано е зголемувањето на цените на осигурувањето од задолжителна автомобилска одговорност, тврди Агенцијата за супервизија на осигурувањето

До надлежната комисија при Министерството за финансии, Агенцијата достави анализа во која се содржани клучните аргументи против зголемување на цената на осугурувањето од задолжителна автомобилска одговорност.

Back to top button
Close