Владата ќе именува повереници во четирите општини каде што не се избрани градоначалници
Владата ќе имeнува повереници во четирите општини каде што не се избрани градоначалници во првиот круг од локалните избори поради недоволен цензус. За конкретни имиња што ќе ги водат тие општини, како што соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски, сè уште не се водени разговори со коалициските партнери.

Очекува следната недела Државната изборна комисија (ДИК) официјално да ги заврши изборите и да ја информира Владата.
„Потоа, Владата има рок од 15 дена да постапува по тоа. ДИК пак потоа треба да го информира Собранието за во рок од 60 дена да распише нови избори во општините каде што беа неуспешни. Тогаш веќе нема услов цензус на излезеност“,рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при увудот на работите со проектот градски воз.
Најави дека во текот на следната недела, кога ќе го добијат известувањето од ДИК, ќе седнат со коалициските партнери, со цел да се предложат имињата на тие што ќе бидат повереници во општините во кои не успеаја изборите.
Нови избори поради недоволен цензус ќе има во Гостивар, во Маврово и Ростуше, Врапчиште и во Центар Жупа.






