Владата ќе продолжи да го субвенционира парното греење во Скопје до крајот на кризната состојба

Владата на денешната 99-та седница донесе одлука за преземање мерка за финансиска поддршка со засметување на разликата на цена на топлинската енергија на вршителите на енергетските дејности на пазарот на топлинска енергија, за потрошената топлинска енергија од страна на потрошувачите од категоријата домаќинства, во услови на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија.

Оваа одлука за новата грејна сезона, како што велат од владината прес-служба, практично значи продолжување на субвенционирањето од страна на Владата во делот на сметките за топлинска енергија на домаќинствата, со цел заштита на домаќинствата од повисока цена на топлинска енергија, како што беше случај и досега.

-Мерката за финансиската поддршка е предвидено да се реализира согласно меѓусебните права и обврски утврдени со склучени договори помеѓу Акционерското друштво за производство на електрична енергија ЕСМ, во државна сопственост, Скопје и носителите на лиценца за снабдување со топлинска енергија на подрачјето на градот Скопје. Мерката се однесува на временскиот период од денот на влегувањето во сила на оваа одлука – до истекот на рокот на утврденото постоење кризната состојба во снабдувањето со топлинска енергија, соопшти Владата.

Во Скопје околу 60 илјади домаќинства се приклучени на системот за централно греење на кој грејната сезона трае од 15 октомври до 30 април.

Back to top button
Close