Владата формирала тим за организирање превоз на жртвите од автобуската несреќа

Министерот Спасовски посочува дека во МВР е формиран посебен штаб, а кога ќе се добијат информациите дека може да се пренесат жртвите, тоа и ќе биде организирано

Владата формираше тим кој ќе има задача да го организира превозот на жртвите од автобуската несреќа од Бугарија во државата на еден достоинствен начин, информира вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Дневникот на МРТ 1.

„Клучно за идентификација на телата е обезбедувањето на биолошкиот материјал од страна на роднините на починатите. Тоа е веќе обезбедено за да можат да продолжат со активности. Според проценките на експертите од Северна Македонија и Бугарија, коишто работат во судска медицина се очекува за седум дена да се заврши целосната идентификација. Нашите институциите се во постојана комуникација. МВР има посебен штаб. Како ќе ги добиеме сите информации во однос на тоа како ќе бидеме подготвени за да се изврши преносот на телата, тоа ќе го организираме“,

рече Спасовски.

Зборувајќи за истрагата, министерот посочи дека властите во Бугарија темелно работат на случајот и ги споделуваат информациите.

„Важно е да имаме официјални информации, потврди за причините и добро е што денеска се објавија првичните наоди за да престанат сите шпекулации во јавноста. Разните шпекулации коишто кружат во Бугарија и Северна Македонија, не се добредојдени за истрагата. Мислам дека прават повеќе штета, нанесуваат некаков момент којшто не е поволен за сите нас, посебно за Северна Македонија, за граѓаните, а пред сè, за семејствата. Очекувам дека и понатаму ќе се продолжи детално, за да се утврдат сите факти врз основа на вештачењето и врз основа на тоа што се презема“, наведе Спасовски.

Back to top button
Close