Владата ги утврди измените на Законот за здравствена заштита за поквалитетни здравствени услуги за граѓаните

 Владата на денешната седница, на предлог на Министерството за здравство, го утврди текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита по скратена постапка со кој се предвидени повеќе новини за поквалитетна здравствена услуга за граѓаните.

Со предвидените измени и дополнувања, меѓу другото, е обезбедена правна можност за избор на матичен лекар во јавен здравствен дом во случај кога нема доволен број на избрани лекари во општината, како и исклучок дека јавна здравствена установа-болница која врши специјалистичко-консултативна и болничка здравствена дејност од областа на гинекологија и акушерство и педијатрија може да организира здравствени услуги на примарно ниво во овие дејности за пациентите кои не можат да го остварат правото на здравствена заштита на примарно ниво поради недоволен број тимови на подрачјето на местото на живеење.

Врз основа на позитивните искуства од соработката со граѓанските организации за одредени здравствени сервиси, како што е справувањето со ХИВ во делот на намалувањето на штетите од дроги, со дополнувањата во законот, се наведува во соопштението од владиниот Сектор за односи со јавноста, се дава можност здруженијата на граѓани да можат да спроведуваат одредени мерки и активности од здравствената дејност за ранливи и тешко достапни групи население што се од посебно значење за јавното здравје.

– Со новопредложените дополнувања се пропишува и можноста специјалистите и супспецијалистите да спроведуваат дежурства во други здравствени установи, различни од здравствената установа во која се вработени, со цел поблизок пристап до пациентите и нивните потреби, стои во соопштението.

На оваа своја седница Владата ја дополни Уредбата за видот на активности, максималниот износ по активности, корисниците, субјектите кои учествуваат во постапката, поблиските критериуми и начинот за доделување на техничката поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Со дополнувањата на оваа уредба, се појаснува во соопштението, сега и физичките лица регистрирани како производители на вина се стекнуваат со право на користење на мерката за финансиска поддршка за освоени награди за вино на меѓународни и регионални натпревари, како дел од политиките за поддршка на малите и индивидуалните винарии.

Back to top button
Close