Владата го усвои предлог-буџетот за 2026 година – проектиран раст од 3,8 отсто и дефицит од 3,5 отсто


Владата на денешната седница го усвои предлог-буџетот за 2026 година според кој се проектира раст на Бруто-домашниот производ (БДП) од 3,8 отсто, инфлација од 2,5 отсто и буџетски дефицит од 3,5 проценти од БДП.

Вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари, додека вкупните расходи изнесуваат 413,9 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на 39,2 милијарди денари или 3,5 проценти од БДП што, како што изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, е намалување за 0,5 процентни поени во однос на 2025 година согласно конзистентноста на фискалната стратегија.

Капиталните инвестиции се проектирани на 40,5 милијарди денари, односно 650 милиони евра.

На денешната прес-конференција во Владата, Димитриеска-Кочоска изјави дека буџетот за 2026 година ќе се темели на реални проекции – приходите ќе се планираат според реалните можности, а расходите ќе бидат насочени кон стратегиските приоритети. Дополнително, како што рече, ќе се намалуваат несуштинските расходи, а поддршката за граѓаните и стопанството ќе се спроведува по јасни критериуми и со засилен мониторинг.

„Ќе продолжи постепено фискалната консолидација и дисциплинираното управување со јавните финансии со цел поголема ефикасност и одговорност во трошењето на буџетските средства. Ќе продолжиме со мерки за намалување на сивата економија и зголемување на наплатата на буџетските приходи. Во буџетот ќе бидат вклучени индикатори за мерење на успешноста на политиките, со што ќе се подобри ефикасноста и ефективноста на расходите“,

изјави Димитриеска-Кочоска.
Министерката за финансии додаде дека догодина капиталните проекти треба да бидат главен двигател на економскиот раст, а позитивен раст, како што рече, се очекува и од приватните инвестиции.

Back to top button
Close