Владата го утврди предлог-законот за парична помош на ранливите категории, се очекува исплатата да почне уште од месецов

Од Владата информираат дека законското решение, кое е на предлог на Министерството за труд и социјална политика, сега ќе биде испратено во парламентот каде што се очекува да се усвои по скратена постапка, а исплатата на средствата да започне уште од овој месец

На денешната владина седница е утврден предлог-законот за финансиска поддршка на социјално ранливите категории на граѓани, кој има за цел да помогне во справувањето со ефектите од енергетската и ценовната криза.

Од Владата информираат дека законското решение, кое е на предлог на Министерството за труд и социјална политика, сега ќе биде испратено во парламентот каде што се очекува да се усвои по скратена постапка, а исплатата на средствата да започне уште од овој месец.

За кои категории на граѓани е предвидена финансиска помош

Во социјално ранливите категории граѓани, на кои, според предлог-законот им следува парична помош спаѓаат:

корисници на посебен додаток;

корисници на правото на надоместок заради попреченост;

самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош;

корисници на право на пензија во висина до 19 000 денари;

ученици од основното, односно средното образование, чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50 000 денари и

студенти кои живеат надвор од местото на студирање.

Според предлог-законот, во наредните пет месеци, почнувајќи од декември 2023 година, финансиска помош од 2 000 денари месечно ќе добиваат корисниците на посебен додаток, корисниците на правото на надоместок заради попреченост и самохраните родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош.

Финансиската поддршка за корисниците на право на пензија во висина до 19 000 денари, за период од пет месеци, е предвидено да започне, исто така, од овој месец и да изнесува:

3 000 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина не поголема од 14 000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка;

2 000 денари месечно корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 14 001 денари до 16 000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка и

1 500 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 16 001 денари до 19 000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка.

Учениците од основното, односно средното образование чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50 000 денари, ќе добиваат по 1 200 односно 1 800 денари месечно во период од шест месеци почнувајќи од декември 2023 година.

За студентите кои живеат надвор од местото на студирање е предвидена парична помош во висина на месечниот билет за меѓуградски сообраќај од местото на живеење на студентот до местото на студирање, во износ не помал од 600 и не поголем од 1 200 денари месечно, во период од седум месеци, почнувајќи од декември.

Исплатата на паричната помош за првите четири категории на граѓани е предвидено да се врши без поднесување на барање од страна на корисниците, односно ќе се врши врз основа на податоците од центрите за социјална работа и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

„Датумот на исплата на финансиската поддршка е предвидено да се објави на веб-страницата на Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за труд и социјална политика, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и Министерството за образование и наука, најдоцна до 5. во месецот за тековниот месец“информираат од Владата.

Учениците од основното и средното образование кои ги исполнуваат условите за парична помош ќе треба да се пријават на повикот кој ќе биде објавен од Министерството за образование и наука (МОН).

„Пријавата се поднесува во училиштето во кое ученикот е запишан. За учениците кои не се пријавиле или не ги исполниле условите за добивање финансиска поддршка на претходните повици, предвидено е Министерството за образование и наука секој месец да објавува повик, најдоцна до петтиот ден во месецот, а којшто повик трае седум дена од денот на објавувањето“се додава во владиното соопштение,

На повикот кој на својата веб-страница ќе го објави МОН, во времетраење од седум дена од денот на отворањето, ќе треба да се пријават и студентите кои ги исполнуваат условите за финансиска помош. Треба да се пријават на апликацијата e-uslugi.mon.gov.mk и да ги внесат и приложат податоците што се посочени како потребни.

По проверка на податоците, МОН во рок од пет работни дена од денот на пријавувањето на судентот ќе утврди дали барањето за финансиска помош е прифатено или одбиено.

„За студентите кои не се пријавиле или не ги исполниле условите за добивање на финансиската поддршка на претходните повици, предвидено е МОН да објавува повик секој месец, во времетраење од седум дена од денот на објавувањето, а најдоцна до 5. ден во месецот. Во предлог-законот е предвидена обврска на државните универзитети, секој месец, најдоцна до 10. во месецот, до МОН да доставуваат список на редовни студенти за претходниот месец, со цел проверка на податоците“информираат од Владата.

Back to top button
Close