Владата гради клучен инфраструктурен проект што како опозиција во 2021 г. не го гласале како јавен интерес
Точно е тоа дека градбата на автопатската делница Тетово-Гостивар, како дел од Коридорот 8 што го гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ е клучен инфраструктурен проект, точно е и тоа дека од потпишувањето на договорот во март 2023 до парламентарните избори во мај 2024, а и потоа имаше застој во градбата, но, исто така, е точно дека владејачката партија во опозиција беше главен критичар на овој проект, а кога беше донесен и законот за утврдување на јавен интерес за проектот во 2021 година воопшто не гласале за него
Премиерот Христијан Мицкоски по повод започнувањето со градба на автопатската делница Тетово–Гостивар, имаше обраќање, кое во еден почетен дел од говорот може да се оцени и како недоследно:
Денес, од овде-од срцето на Полог-го испраќаме најсилниот одговор на сите скептици и на сите што со години зборуваа, а ништо не направија: ние не ветуваме празно, ние градиме! Го започнуваме еден од клучните инфраструктурни проекти-изградбата на новиот автопат Тетово-Гостивар, во должина од 18 километри.
[Извор: Влада – Обраќање на Х. Мицкоски; Датум – 03.05.2025]
Образложение:
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, има право кога вели дека започнале со градба на еден од клучните инфраструктурни проекти, автопатот Тетово – Гостивар како дел од Коридорот 8 за кој е потпишан договор за изградба со конзорциумот „Бехтел и Енка“, но тоа е, сепак, недоследност од два аспекта.
Првиот е тој дека за време на опозицискиот стаж сега владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ цело време го критикуваше потпишувањето на Договорот со „Бехтел и Енка“, оценувајќи го како криминален, корупциски, антиуставен и што уште не. Сегашниот министер за транспорт и вицепремиер Александар Николоски беше главниот истурен опозициски пратеник и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ кој гостуваше по медиуми и прикажуваше делови од договорот кој од првиот ден до денеска е затворен за јавноста по барање на конзорциумот и има степен на државна тајна.
Иако сега владејачката партија ветуваше дека една од опциите е да го раскинат и дека ќе го отворат за јавноста веднаш по доаѓањето на власт, истиот Николоски од позиција на министер и вицепремиер изјави дека нема да се оди на раскинување, бидејќи ќе имало арбитража во странство и дека тоа ќе ја чинело земјата огромни трошоци, што, патем, е точно.
Mислам дека ќе биде недомаќински и душмански однос кон Буџетот ако јас сега го прекинам договорот, а тие средства веќе се кај изведувачот и не можат да се вратат. Изведувачот може да тужи и да побара арбитража и да платиме уште толку и да отидат половина милијарда евра средства, а да немаме ниту километар автопат. Треба да се бориме за да добиеме што повеќе километри автопат и што побрзо изграден во Македонија – изјави тогаш Николоски.
Значи договорот кој беше криминален и кој ќе се раскинуваше или за него ќе се репреговараше, стана договор со кој актуелната влада гради дел од „клучните инфраструктурни проекти“.

Втората недоследност можеби уште погласно говори за различниот однос на политичките партии и функционери кон една иста работа кога се во опозиција и кога се на власт.
Зашто сигурно е точно дека изградбата на овој и други делови од Коридорот 8 и Коридорот 10, поврзани со „Бехтел и Енка“ започнале да се реализираат откако со претставниците на оваа компанија имало контакти и разговори започнати уште лани за време на Самитот на НАТО во Вашингтон (Изјава на Мицкоски дадена во октомври 2024 г.), но, исто така, е сигурно дека ниту Мицкоски, ниту ВМРО-ДПМНЕ три години претходно не гледале јавен интерес за овој проект што би го реализирала познатиот американско-турски конзорциум.
Барем на тоа упатува податокот дека „Законот за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија“, кој беше изгласан во Собранието во летото 2021 година, поминал со 55 гласа за, без воздржани и против, иако во салата биле присутни пратениците на тогашната главна опозиција ВМРО-ДПМНЕ. Според медиумските извештаи, пратениците од оваа партија едноставно не гласале за овој закон.
Иако од денешен аспект може да се говори дека подготвувањето на законот, негово ставање во собраниска процедура по скратена постапка и други причини биле главни зошто ги немало опозициските пратеници, иако може да се каже и тоа дека потпишувањето на самиот договор во март 2023 година веднаш наиде на реакција на пошироката јавност поради големината на сумата и нетранспарентната постапка на преговарање, факт е дека кога се носел законот за изградба на овие „клучни инфраструктурни проекти“ во 2021 година, за нив не гласале пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а законот носи наслов „утврдување на јавен интерес“.
Поради тоа, делот од говорот на премиерот Мицкоски дека тие како Влада започнуваат со изградба на „еден од клучните инфраструктурни проекти“, може да се гледа и како недоследен.
Извори:
- (03.05.2025) Влада на РСМ – Обраќање на Х. Мицкоски –[Проверено на 05.05.2025]
- (10.07.2024) Дојче Веле – Останува превезот на тајноста… –[Проверено на 05.05.2025]
- (16.07.2021) Службен весник на РСМ – „Законот за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер… –[Проверено на 05.05.2025]
Оценил: Теофил Блажевски