Владата и ЗЕЛС да најдат решение за ублажување на енергетската криза во школите, апелира СОНК
Владата и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) треба заедно да изнајдат прифатливо решение за надминување или ублажување на енергетската криза во училиштата, апелира Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК).
„Наставата од далечина не е прифатлива опција на најзасегнатите – учениците, родителите и наставниците“ – наведува СОНК.
Реакцијата на СОНК следува откако градоначалниците од Полошкиот регион побараа од Министерството за образование и наука (МОН) да има поголем распуст или онлајн настава за учениците со цел училиштата да немаат високи трошоци за затоплување на училниците и просториите.
Идејата за продолжување на распустот или воведување онлајн настава доаѓа од градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, а за неа се разговараше и на седницата на Советот за развој на Полошкиот плански регион.
„Бидејќи сметките за електрична енергија се повисоки од минатата година одлучивме како идеја да дадеме зимскиот распуст за децата да трае два месеци – декември и јануари или јануари и февруари, така децата потоа преку лето да имаат пократок распуст и учебната година да трае до 30 јуни и потоа да почнат на 15 август со новата учебна година. Или евентуално трите месеци декември, јануари и февруари да бидат онлајн. Ние сме горе-долу дигитализирани, имаме добри искуства во време на пандемијата и зошто сега повторно, во насока на заштеда на електирчна енергија, да не се одржи онлајн настава. Ќе треба поддршка од Министерството и ЗЕЛС, а нас не поддржуваат и други градоначалници – изјави Таравари.
Според Владата, пак, во интерес на учениците е да има настава со физичко присуство и оти нема да има промена во начинот на нејзина реализација.
Одговарајќи на новинарско прашање за барањето на дел од општините за продолжување на зимскиот распуст на учениците заради штедење струја и огрев и колку се оправдани барањата дел од трошоците и субвенциите да ги покрива Владата, владиниот портпарол Душко Арсовски рече дека на последната седница на Владата немало дискусија за тоа.
„На последната седница на Владата немаше дискусија во однос на ова прашање. Владата останува посветена во надминување на предизвиците предизвикани од енергетската криза и е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука – рече портпаролот Арсовски, дополнувајќи дека нема промена во начинот на реализација на наставата со физичко присуство во основните и средните училишта.
Во меѓувреме, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека наставата со физичко присуство е најдобра и најефективна форма на воспитно-обрзовниот процес, а дека Владата треба да обезбеди пари за непречена работа на училиштата за затоплување на просториите и се друго што е неопходно.
„Во спротивно, трошокот за струјата, оди на семејствата. При онлајн настава родителите ќе плаќаат за вклучени компјутери, таблети, греалки во детските соби – додаваат од партијата.
Во таа насока, од партијата предлагаат Владата да ги покачи блок дотациите на општините, училиштата од индустриска струја да се префрлат на тарифа како за домаќинствата, според временските прилики да се одредат неколку дополнителни пократки распусти, со обврзно продолжување на училишната година во месец јуни.
„Владата да не прави никакви интервенции во наставните програми (скратување). Секаде каде што е можно да воведе настава во една смена или да го повлече почетокот на втората смена порано. Како антикризна мерка да ги спречи коалициските партнери, кои ја држат централната власт и дел од локалните самоуправи, да копаат криптовалути во училиштата и другите институции и установи. Така трошоците ќе бидат помали, а струјата ќе се реалоцира за тоа што навистина треба – посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.