Владата молчеше додека се поткопуваа принципите на Охридскиот рамковен договор, тврдат од ДУИ
Опозициската ДУИ изрази сериозна загриженост по изјавата на уставниот судија Осман Кадриу, кој по одлуката на Уставниот суд за укинување на албанските имиња на улици, плоштади и булевари во Тетово, посочи дека Општината не ја бранела одлуката од 2007 година, а Владата не презела активности за нејзина заштита.

Од партијата оценуваат дека, доколку овие тврдења се точни, станува збор за „троен институционален неуспех“ – поради неактивноста на Општина Тетово, молкот на Владата и начинот на кој се носат одлуки за чувствителни меѓуетнички прашања.
„Неприфатливо е историска одлука што речиси две децении е дел од идентитетот на градот да остане без одбрана, а Владата да молчи за прашање што ги засега меѓуетничките односи и духот на Охридскиот рамковен договор“, велат од ДУИ.
Од Мала Речица бараат одговори од надлежните институции зошто Општина Тетово не ја бранила својата одлука и зошто Владата не реагирала во текот на постапката.






