Владата на Лeтонија падна поради украинските беспилотни летала

Летонската премиерка Евика Силина денеска соопшти дека поднесува оставка откако инцидентот со украинскиот дрон ја потресе нејзината влада.

„Поднесувам оставка, но не се откажувам“, рече Силина во телевизиско обраќање до јавноста.

 

Британските медиуми пренесуваат дека оваа политичарка од десниот центар се повлекува од функцијата само неколку месеци пред редовните парламентарни избори закажани за октомври.

Летонскиот претседател Едгарс Ринкевич, кој според уставот е задолжен за назначување владини претставници, утре ќе се сретне со претставници на сите парламентарни партии.

Силина и нејзината партија Ново единство еден ден претходно го загубија владејачкото мнозинство во парламентот откако левичарската Прогресивна партија објави дека ја повлекува својата поддршка за владата.

Одлуката следуваше откога министерот за одбрана Андрис Спрудс од нивните редови беше разрешен во текот на викендот поради постапките со справувањето со инцидентите со украинските беспилотни летала, кои, отстапувајќи од својата рута, влегоа во летонскиот воздушен простор од правец на Русија.

Минатиот четврток во Летонија се урнаа две украински беспилотни летала, а во инцидентите никој не беше повреден, но падот на едното од нив предизвика краток пожар во складиштето за нафта, објави „Евроњуз“.

Локалните жители ги критикуваа властите затоа што добиле известување дури 60 минути по инцидентот.

Back to top button
Close