ВЛАДАТА НЕ Е ПОДГОТВЕНА ДА ПРЕЗЕМЕ БИЛО КАКОВ ЧЕКОР КОН УСТАВНИ ИЗМЕНИ Муцунски вели дека во овој момент има недостиг на доверба

Во овој момент има недостиг на доверба и недостиг на кредибилитет во однос на испораката спрема нас како држава, така што нема услови за уставни измени и Владата не е подготвена да преземе било каков чекор кон уставни измени – изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во одговор на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на Советот на Европа Ален Берсе кој е во прва официјална посета на земјава.
– Дали ние правиме конкретни работи поврзани со нашата европска перспектива, не сакам да бидам репетитивен, бидејќи ова е тема што е многу актуелна во последниот период – да, правиме. Првото е тоа што го правиме во однос на реформската агенда. Второто е тоа што го правиме во делот на заедничката надворешна и безбедносна политика, но многу повеќе е тоа што го правиме за имплементација на европските вредности. И на крајот на денот, слично со тоа што кажа и господинот Берсе – за објективната посветеност на нашата држава кон европските вредности, коишто се некогаш дури и поширок контекст од примената на заедничката надворешна и безбедносна политика – рече Муцунски.






