Владата не ги донесе мерките за вакцинација, побара дополнителни анализи и мерки

Додека ги чека новите анализи и мерки, Владата бара инспекторите да направат ригорозна проверка дали има злоупотреба на сертификатите за влез во објекти. Исто така, оттаму велат дека ќе ги разгледаат сите можности за стимулација на вакцинацијата, но и за рестрикции за администрацијата во однос на финансиските бонуси

Владата на денешната седница не ги донесе мерките за вакцинација кои минатата недела ги предложи Комисијата за заразни болести, туку побара Комисијата да ѝ достави дополнителни анализи и мерки.

„Тргнувајќи од неприкосновениот факт дека масовната вакцинација е најефикасен одговор за заштита од последиците и за спречување на ширењето на пандемијата со ковид-19, Владата заклучи да побара од Комисијата за заразни болести дополнителни анализи и компаративни студии за предложените мерки, но и предлози за дополнителни мерки за поттик за масовна вакцинација“, соопштија од Владата.

Додека ги очекува анализите и дополнителните мерки, побарано е од сите надлежни министерства и инспекциски служби да ги зајакнат контролите за спроведување на актуелните мерки особено дали се проверуваат сертификатите за вакцинација, ПЦР тестовите и потврдите за прележан ковид. Како што велат, се бара ригорозна проверка на идентитетот на лицата кои ги користат сертификатите за влез во објекти односно дали има нивна злоупотреба.

Исто така, сите министерства, јавни претпријатија и државни агенции треба да направат скрининг колку од вработените во администрацијата се вакцинирани. Од нив се бара и да дадат предлози за стимулација на вакцинацијата, како и правно издржани предлози за рестрикции во однос на правото на дежурство, прекувремена работа, службени патувања и рестрикции за другите опции кои им носат дополнителни приходи на административците.

„Владата ќе ги разгледа и употреби сите реални можности за економски стимулации, но и за рестрикции по однос на финансиски бонуси и друг тип на надоместоци кои се надвор од основиците, со цел

ги мотивира и упати граѓаните кон единствената и најефективна мерка за заштита на здравјето и за спас на сопствениот живот од опасната пандемска болест ковид-19“,велат од Владата.

Предлог-мерките кои беа препорачани, а Владата не ги донесе туку побара дополнителни анализи и мерки, предвидуваа сите вработени во јавниот сектор за одење на работа да мора да покажат: потврда за примена најмалку една доза вакцина против ковид-19; негативен ПЦР-тест кој важи најмалку 72 часа; потврда за прележан ковид во последните 45 дена; или потврда од лекар специјалист дека не може да се вакцинираат.

За здравствените работници, пак, се предлагаше задолжителна вакцинација.

Back to top button
Close