Владата негира дека троши државни пари за политичката кампања

Владата ги отфрли, како што велат, изнесените невистини и обиди за манипулација од страна на СДСМ и Левица околу јавната набавка за изнајмување и ракување со опрема за симултан превод и аудио и видео поддршка на настани, која според нив, се спроведувала години наназад.

Во врска со најновите инсинуации и конструктивни лаги пласирани во јавниот простор од страна на СДСМ и Левица, Владата со најсилна индигнација ги отфрла изнесените невистини и обиди за манипулација на граѓаните.

-Ова претставува уште еден доказ за безидејноста и политичката немоќ на овие партии кои наместо да понудат решенија за реалните проблеми на народот, се занимаваат со фабрикување лажни афери и деструктивни наративи. Дополнително, фактот што политичките партии СДСМ и Левица синхронизирано коалициски манипулираат докажува дека сакаат да направат сензација од тема која е ништо повеќе од тековно работење на Владата.

Фактите се јасни, проверливи и непобитни. Станува збор за јавна набавка која со години наназад се спроведува, разликата е што денес се спроведува во согласност со законските процедури и принципите на јавна транспарентност. Набавката е склучена за изнајмување и ракување со опрема за симултан превод и аудио и видео поддршка на настани во внатрешен и надворешен простор на временски период од две години, што значи дека исплатата ќе се врши исклучиво врз основа на реализацијата, а не однапред фиксирана сума.

За споредба, во 2023 година Владата на СДСМ и ДУИ склучила договор на ист временски период во вредност од 30.000.000 денари без ДДВ, и тоа без рамковна спогодба, со што обврската кон буџетот била однапред целосно преземена. Ова се факти кои го разобличуваат лицемерието и двојните стандарди на оние кои денес се обидуваат да креираат афера таму каде што ја нема.

Јавноста треба да знае дека денес транспарентноста и отчетноста се единственото начело на работа на Владата. Нема повеќе тајни зделки, тендери зад затворени врати и договори „во четири очи“, што беа белег на владеењето на СДСМ и ДУИ. Денес сè е ставено на увид на граѓаните и на институциите. Како Влада нема да дозволиме дезинформациите и политичките конструкции да ја засенат вистината, реагираат од Владата.

Back to top button
Close