Владата одлучи сите институции да ги објавуваат јавните набавки на своите веб-страници

„Брзата, лесна, едноставна и разбирлива достапност на овие информации за граѓаните ќе ја зголеми отчетноста на институциите и нивната одговорност во јавните трошења, а на граѓаните ќе им овозможи увид како и за што се трошат нивните пари“, стои во соопштението од Владата во врска со одлуката која е донесена на вчерашната 40. седница

Владата, по предлог на вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска, ги задолжи сите буџетски корисници да ја унапредат транспарентноста во процесот на јавните набавки, односно сите податоци да ги објавуваат на своите веб-страници.

„Согласно Информацијата за унапредување на транспарентноста и отчетноста за буџетските корисници преку објавување на основните информации за јавните набавки на интернет страниците на институциите што беше усвоена на вчерашната 40 седница, сите буџетски корисници и единки корисници, се должни во рок од 30 дена да креираат посебен дел (таб) на своите веб-страници насловен ‘јавни набавки’ и редовно да  ги објавуваат следните информации и документи: Годишен план за јавни набавки, огласи за јавни набавки (линк од објавата на ЕСЈН),  известувања за склучени договори (линк од објавата на ЕСЈН), склучени договори и известувања за реализирани договори (линк од објавата на ЕСЈН)“,стои во соопштението од Владата.

Истовремено, како што се наведува во соопштено, Владата им укажува и им препорачува и на јавните претпријатија основани од државата, на акционерските друштва во државна сопственост, на општините, како и на јавните претпријатија во општините и градот Скопје да го следат примерот за поголема транспарентност при спроведувањето на јавните набавки.

Како што образложи вицепремиерката Грковска, на овој начин јавноста ќе има брз, лесен, едноставен и разбирлив пристап до информациите за начинот на којшто институциите ги трошат буџетските средства преку јавните набавки.

„Брзата, лесна, едноставна и разбирлива достапност на овие информации за граѓаните ќе ја зголеми отчетноста на институциите и нивната одговорност во јавните трошења, а на граѓаните ќе им овозможи увид како и за што се трошат нивните пари“,

се додава во владиното соопштение.

Back to top button
Close