Владата одреди 172 дена за настава: Второто полугодие ќе стартува подоцна, ама ќе заврши на 10 јуни

 

Од Канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава велат дека одложувањето на почетокот на второто полугодие, по зимскиот распуст, треба да биде привремена мерка и да се вложат сите напори децата да се вратат во училниците

 

Бројот на наставни денови во учебната 2021/2022 година во основните училишта, во услови на вонредни околности, се утврдува на 172 наставни денови, што значи дека зимскиот распуст на учениците ќе трае до 1 февруари 2022 година, а учебната година ќе заврши на 10 јуни 2022 година.

Оваа одлука ја донесе попладнево Владата, на седница преку конференциска врска.

Одлука со иста содржина е донесена и за средните училишта, што значи дека и во овие образовни институции бројот на наставните денови во учебната 2021/2022 година, во услови на вонредни околности, се утврдува на 172 наставни дена односно 158 дена за завршната година на средното образование

Одлуката за пролонгирање на зимскиот распуст, односно за одложување на почетокот на второто полугодие, поради ширењето на ковид-19, беше донесена на претходната седница на Владата и по препорака на Главниот координативен кризен штаб, согласно епидемиолошките информации дека земјата се наоѓа во пик на заразата.

Со денешната одлука, како што оценуваат од Владата, се овозможува соодветна адаптација на наставните програми со цел запазување на 10 јуни како краен рок за завршување на учебната година.

Од Канцеларијата на УНИЦЕФ во нашата земја велат дека одлуката на Владата за одложување на почетокот на второто полугодие, по зимскиот распуст, треба да биде привремена мерка и да се вложат сите напори децата да се вратат во училниците.

Пртетставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани, смета дека превентивните мерки во училиштата се ефикасни и дека физичкото присуство на настава во училиште се чини не е главниот двигател на ширење на инфекцијата.

„За последниот месец од наставата во 2021 година податоците покажуваат многу ниска стапка на заразување со само 0,01 процент нови случаи дневно кај учениците и 0,03 проценти кај наставниците. За споредба, во двете недели кога училиштата беа затворени за зимски распуст, бројот на новозаразени кај сите возрасни групи се зголеми за четирипати, од приближно 2 600 на 11 000 потврдени позитивни случаи. Овие сознанија треба да ги искористиме за да направиме сè што можеме да ги одржиме училиштата отворени и децата безбедно да следат настава во училниците“,се наведува во изјавата на Ди Џовани.

И претходно се случуваше во земјава да се одложува почетокот на учебната година поради лоши временски услови, посочува таа, но сега ситуацијата се промени. Претходните одложувања на почетокот на учебната година беа ретки и изгубеното време за учење беше компензирано. Сегашната ситуација се влошува со долги периоди на затворање на училиштата поради пандемијата

Back to top button
Close