Владата пак ги продолжила роковите за хидроцентралите на Дошница, алармираат активистите

Владата зад затворени врати донела одлука да се продолжи рокот за изградба на контроверзните мали хидроцентрали на една од најчистите и најнедопрени реки во Македонија, Дошница на планината Кожуф, алармираат активистите од „Зелена народна стража“.
„Додека низ светот ги растураат малите хидроцентрали, кои освен тоа што ја уништуваат цела природа околу себе, ги пресушуваат најчистите реки и го истребуваат сиот жив свет, немаат апсолутно никаков бенефит за никој, нашата Влада во тандем со хидромафијата повторно ја напаѓа реката Дошница на Кожуф Планина. По 70 дена блокади и јасен став дека никој тука не сака мали хидроцентрали, некој се дрзнува повторно да го погази народот и да ја претвори една од најчистите реки во Македонија во пустина“, велат активистите.
„Главното прашање останува: Зошто Кожуф се уште не е прогласен за национален парк? Дали бидејќи некој си ги полни џебовите со т.н. „еко“ проекти, на брз и безобразен начин? Дали бидејќи Владата и неколку поединци решиле да ја продадат природата која не е нивна за сметка на животот на сите други луѓе? Луѓе од цела Македонија стоеја сложно на блокади и ја одбранија еднаш. Ќе ја одбраниме пак! Хидроцентрали на Дошница нема да има! Придружи ни се! Се гледаме на блокада!“, се додава во нивната објава.
Веста дека е продолжен рокот доаѓа откако почнаа да се демонтираат две недоградени мали хидроцентрали на реката Пена на Шар Планина, каде борбата да не се уништи бајковитата месност Лешница успеа токму поради фактот што хидроцентралите беа градени во заштитена зона на националниот парк „Шар Планина“.






