Владата попуштa, забраната за пушење се одложува?
Законот за заштита од пушење најверојатно нема да започне со примена од 1 март, како што беше предвидено во предложеното законско решение. Наместо тоа, неговата имплементација ќе се одвива фазно, со акцент на едукација и опомени во почетниот период, а казнените мерки ќе следуваат подоцна.

Ова во емисијата „Бизнис 21“ го потврди државниот советник во Министерството за здравство, Никола Грбчевски, кој посочи дека разговорите со сите засегнати страни сè уште траат и дека законот ќе биде дополнително доработен пред да стапи во сила.
„Не би го нарекол ретерирање, туку фазна имплементација. Во дијалог со јавноста и со бизнис заедницата одлучивме да одиме со помека примена на законот. На почеток ќе има опомени и едукација, што е дел од фазата на усогласување. Дали ова ќе трае три, шест или осум месеци, во овој момент не можеме прецизно да кажеме“, изјави Грбчевски.
Од друга страна, угостителите го поддржуваат донесувањето на законот, но бараат подолг преоден период. Според нив, потребни се најмалку три години постепена имплементација пред да започне казнувањето, со цел да се избегнат негативни последици врз бизнисот.
Тие предупредуваат дека брзата примена на законот може да доведе до затворање на угостителски објекти и отпуштање на работници, нагласувајќи дека предложеното решение е едно од најригорозните и е изработено по пример на земји како Шпанија и Словенија, каде процентот на пушачи е значително понизок. Според нивните проценки, во Македонија пушачи се меѓу 60 и 65 проценти од населението, што ја прави примената посложена.






