Владата сè уште размислува дали да го разреши Салиу

Владата сè уште размислува за разрешување на министерот без ресор, Шабан Салиу кој е опфатен со истрагата за трагедијата во Кочани. Премиерот Христијан Мицкоски информира дека треба да се видат со Салиу во наредниот период и да поразговараат.

-Веќе сме во комуникација за понатамошните чекори кои што треба да бидат преземени. Кога ќе има нешто ново, јавноста ќе биде запознаена, рече денеска Мицкоски.

Салиу е обвинет за тешки дела против општата сигурност, заедно со уште 34 лица, во врска со трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Во периодот за кој се води постапката, тој бил директор на Дирекцијата за заштита и спасување (2008–2017). Обвинението сè уште е во фаза на оценка од страна на Кривичниот суд.

 

Минатиот месец, Салиу изјави дека не чувствува вина за големата трагедија во дискотеката „Пулс“.

 

-Апсолутно во тој поглед не чувствувам одговорност. Верувам во нашата држава, верувам во институциите на системот, верувам во правосудните органи дека правилно ќе ги согледаат аргументите и сите останати посебни моменти од тој случај. Јас сум правник по вокација, доктор на политички правни науки. Осумнаесет години сум бил адвокат и сум работел во судови. Оставам на совеста на државата да одлучи, дали јас имам вина или немам. Лично, со душа и со срце тврдам дека апсолутно немам никаква вина во тој поглед, рече во јуни поранешниот директор на ДЗС.

Back to top button
Close