Владата веднаш да си поднесе оставка!

Општата смејурија за начинот на кој долгогодишниот голем бос на македонското криминално и политичко надземје реши да стави точка на својата јавна кариера дури и пред да ја дочека судската пресуда за сопственото учество во (за почеток) најголемата криминално-политичка афера во демократска Македонија, говори за тоа дека Македонија е на добар пат да раскрсти со деценијата во која стравот да се има сопствено мислење беше поголем од потребата за дишење. Доказ за тоа е и фактот што во исмевањето на Мијалков предничат оние кои со години, со својата извршителност на разни нивоа во неговиот режим, овозможија тој режим да владее барем неколку години подолго од истекот на крајниот датум на бест-бифор-етикетата.

Сега е дури и тешко да најдете поостри зборови со кои ќе ги квалификувате постапките на „началникот“ од оние што ги употребуваат неговите кохорти од долгогодишни извршни и пропагандни ордонанси, лакеи, потрчковци и фасилитатори по истите медиуми, портали и фејсбук страни што тој им ги формираше и финансираше за секојдневно да ги растргнуваат политичките неистомисленици и опоненти. Е-хеееј, не може на ред да се стигне пред „Курир“, Алфа ТВ и разни инфомакси за да се каже нешто попаметно од поплавата осуди за ликот и делото на нивниот некогашен до-врвен шеф!

Дури и комичниот начин на кој „нагло оздравениот“ Мијалков „се предаде“ на органите на правосудството, во присуство на една (1) камера, е веројатно најдобрата варијанта од секоја друга можност за тоа: замислете, не дај Боже, по некоја случајност (во неговиот случај, тоа навистина можеше да биде само голема случајност!), да загинеше во престрелка со полицијата или да се дигнеше во воздух за жив да не падне во рацете на правдата; или, пак, сега да седеше на некоја сончева европска променада, мирно потсркнувајќи квалитетно италијанско еспресо… Ќе продолжеа да се шират урбаните митови за неговото херојство и мангуплак, со една подигната веѓа, со која ја надиграл власта, и тоа од истите овие кои денеска му се потсмеваат.

А, резимето за власта, заплеткана во повеќегодишниот „политички театар“ за справувањето со наследството на груевизмот, е следно: СИТЕ најважни соработници на Груевски се или во затвор или на судските клупи на кои ги даваат/слушаат доказите и завршните зборови за злоделата за кои се обвинети, чекајќи ги пресудите за своите постапки; се разбира, од аспект на правдата – покрај оние двајца несреќници во Солун – недостасува Груевски во Идризово, иако од аспект на политиката, тој веќе (речиси) никому не му недостасува. Општествено-политички е мртов „ко покојни деда Пантелије“.

Тоа е, с’опроштење, „големата слика“.

Сега нешто и за бројните „мали слики“…

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close