Владиците Петар и Григориј гости на настан на руската амбасада во земјава по повод Денот на Русија

Амбасадата на Русија во земјава вчера одржа државен прием по повод рускиот национален празник – Денот на Русија, кој инаку се одбележува секоја година на 12 јуни.

На настанот кој се одржа во главниот град, како што може да се забележи од фотографиите објавени од Амбасадата, меѓу останатите гости, присуствувале и владиците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), преспанско-пелагониски г. Петар и кумановско-осоговски г. Григориј.

Во својот говор на почетокот на настанот, рускиот амбасадор Сергеј Баздникин, меѓу другото, истакнал дека Русија е среќна за возобновувањето на евхаристичкото заедништво откако минатата година Руската православна црква (РПЦ), прва по одлуката на Српската православна црква (СПЦ), ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА.

Унапредувањето на меѓуцрковната соработка, порачал амбасадорот на Русија, е предуслов за натамошно зајакнување на односите меѓу народите на нашите земји.

„Народите на нашите земји се врзани со вековни врски на пријателство и меѓусебно почитување, засилени со духовно и културно сродство и заеднички словенски корени. Чувствуваме пријателско расположение и симпатии кон Русија буквално на секој чекор и искрено сме благодарни за таквото однесување. Сигурен сум дека тоа може да стане основа за обновување на врските кога за тоа ќе се појават благопријатни услови“,

истакнал Баздникин.

Покрај владиците на МПЦ-ОА, Петар и Григориј, на настанот организиран од руската амбасада во земјава присуствувале претставници на политички партии, шефови на дипломатските претставништва и претставници на меѓународни организации, политички и јавни личности, бизнисмени, руски сонародници, како и активисти на македонско-руските друштва за пријателство.

.

Back to top button
Close