Владиката Петар за ДВ: Одлуката на СПЦ е позитивен чекор во односите со МПЦ-ОА

Цариград нѐ упати на Српската православна црква, а таа гледаме дека презема извесни чекори. Останува да го видиме исходот“, вели владиката Петар. Од МПЦ-ОА сѐ уште молк по одлуката на СПЦ
„Одлуката на СПЦ да го обнови канонското единство со Македонската православна црква – Охридска архиепископија е чекор напред во односите меѓу двете цркви“, вели митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиски и новозеландски г. Петар во изјава за Дојче веле. Владиката Петар смета дека вестите коишто вчера (16.05) пристигнаа од Ниш се позитивни и покажуваат дека „работите за МПЦ-ОА не одат наназад, туку нанапред“.

Вселенската патријаршија нѐ упати на Српската православна црква да ги уредиме управните прашања меѓу двете цркви во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание. Штом српската црква прифатила да ги решаваме овие прашања, не гледам што би можело да биде негативно во овој процес“, вели владиката Петар за ДВ, коментирајќи ја минатонеделната одлука на Цариград.

Тој засега е единствен член на Синодот на МПЦ-ОА кој јавно се изјасни за одлуката на Српската црква.

Цариград нѐ упати на СПЦ
Светиот Синод на Вселенската патријаршија на заседание на 9 мај , под претседателство на вселенскиот патријарх Вартоломеј донесе одлука со која Македонската православна црква – Охридска Архиепископија ја призна за канонска црква. Оваа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на македонската црква, туку претставува објава дека црквата веќе не е во шизма и раскол со православниот свет. Ваквата одлука беше толкувана како историски чин за македонската црква, затоа што МПЦ – ОА е примена како црква во православното семејство. Тоа значи дека црквата сега е дел од православниот свет, дека македонските свештеници ќе можат да одржуваат верски литургии со духовници од другите цркви како рамноправни. Тоа исто така значеше дека македонската црква не е шизматизирана, не е расколничка како што тоа го наметна СПЦ во 1967 година, откако МПЦ прогласи црковна автокефалност. Но, самиот статус на МПЦ со оваа одлука не е дефиниран, ниту пак конечното име под кое ќе биде призната црквата. Тоа дополнително ќе се утврдува. Канцеларијата на Светиот Синод на Вселенската патријаршија соопшти дека како име на оваа црква се признава „Охридска“ (имајќи ја на ум како област на нејзината јурисдикција владението во границите на државата Северна Македонија).

Една недела откако Цариград ги повика СПЦ и МПЦ-ОА да изнајдат решение за статусот на македонската црква, во Ниш заседаваше Соборот на Српската православна црква за статусот на МПЦ-ОА. Додека аналитичарите се загрижени дека со најновата одлука на СПЦ македонската црква место да оди чекор напред, го враќа статусот на автономна црква во рамките на СПЦ, којшто го имаше во 1959 година, дел од црковниот врв поинаку ги толкува пораките од соседството.

„Цариград нѐ упати на Српската православна црква, а таа гледаме дека презема извесни чекори. Останува да го видиме исходот“, вели владиката Петар.

Скептицизам
И додека црквата очекува позитивен исход, верските аналитичари со вознемиреност ја примија веста од Ниш. „Тоа не е само еден, туку 100 чекори враќање наназад за македонската црква, која што во 1967 година прогласи автокефалност. Со ваквата одлука за автономија всушност ќе треба да се откажеме од одлуката на МПЦ за прогласување автокефалност“, изјави за ДВ, верскиот аналитичар Бранко Ѓоргевски.

Прашањето на автокефалниот статус добива, или поточно може да добие нов заплет, чие решение тешко може да се предвиди, смета и Цане Т. Мојаноски, поранешен претседател на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи.

Тоа, според него, нужно го зголемува скептицизмот и ја изострува реториката и дијалогот. „Но, прашање е дали пред нас ги имаме сите информации? Нашето политичко искуство како држава покажува дека ниту едно прашање, па ниту ова црковното, не се решава едноставно и добронамерно. Зад секое од отворените прашања постојат бројни фортификациски препреки, бројни световни интереси, кои настанале во друго време, но и денес се актуелни, а одделни субјекти сметаат дека сега им е времето истите да се остварат“, вели Мојаноски.

Back to top button
Close