Владимир Куновски, кандидат за градоначалник на Скопје од Движењето Слободни и независни
Владимир Куновски е кандидат за градоначалник на Град Скопје од Движењето Слободни и независни. Движењето на локалните избори ќе учествува и со свој кандидат и во Општина Чаир – Ицо Колевски. Движењето ќе има и свои кандидати за советнички листи во општините Бутел, Чаир, Гази Баба, Аеродром, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Центар и други.
-Бидејќи Скопје повеќе не личи на град, туку на загадена и валкана фавела, ја предлагаме Визија 2050 со насоки каде би морало да се движи нормализирањето на живеењето во Скопје. Плановите треба да бидат изработени од надлежните институции во корист и тесна соработка со жителите, здруженијата и истакнати стручни поединци. Движење Слободни и независни (Слободоумни и финансиски независни) е составено од долгогодишни граѓански активисти од здруженијата Но Пасаран, Човекот над профитот и Превентива, а политички е претставено од Работничка партија Скопје, соопштуваат од Движењето Слободни и независни.
Подочуваат дека нивната програмата ќе биде со акцент на решавање на двете жешки точки ОХИС и Рашче (опасност од загадување од јаловината на Југохром).
-Владимир Куновски – кандидат за градоначалник на Скопје: Визија Скопје 2050, Скопје мора да излезе од статус на загадена фавела и да стане град за достоинствен живот. Плановите треба да се изработат во корист на граѓаните, со вклучување на стручната и граѓанската јавност. Програмата ќе биде со акцент на решавање на двете жешки точки ОХИС и Рашче (опасност од загадување од јаловината на Југохром). Во услови на урбанистички хаос и загадување, ја предлагаме Платформата 3 + 1: Враќање на Заводот за Урбанизам со сите ингеренции; Месните заедници како основа за одлучување на засегнатите граѓани; Нова територијална поделба , која ќе овозможи финасиска самостојност и одржливост на општините и Референдум за сите прашања бидејќи нема ни слух, ни воља кај партиите во однос на сите три прашања, информираат од Движењето Слободни и независни
Посочуваат дека ќе ги поддржуваат независните листи на: Стига е – Струмица носителот на листа Ѓорѓи Танушев, Ново Село, носител на листа Стојан Трн Велков и Босилово, носител на листа Костадин Ристоманов, на Независни за Карпош – кандидатот за градоначалничка Невена Георгиевска и носителка на листа Татјана Чакулев и на Независна листа Прилеп – со Страшо Наумоски.