Владимир Мошин, рускиот емигрант во македонската приказна

„Sуни ситната камбана на ‘Свети Димитрија’, непризната црква опева еден непризнат светител на радост на самего Бога“. Уште во првите стихови од песната „Успение на Владимир Мошин“ на Блаже Конески јасно е зацртана сликата на рускиот емигрант кој целосно се вгради во современата македонска приказна.

Песната од циклусот „Црква“ (1987) е лично збогување на поетот од пријателот, но и молитва за упокоениот научник и православен свештеник. „Тебе те испраќаме, Владимире Мошин, тебе што дури од Петроград се прибра најпосле овде, да бидеш со нас, презирајќи ги фарисеите“, продолжува Конески да го стихува бегалскиот животопис на Владимир Мошин. Од родниот Петроград во егзилот во Кралството СХС, во Белград, Копривница, во Загреб и, на крајот, се‘ до смртта во Скопје. „Непризнатата црква“ е, секако, македонската, иако професорот Мошин беше ракоположен во свештенички чин во руската црква „Света Троица“ во Белград, каде што служел во текот на Втората светска војна. Тој е, сепак, „непризнат светител“ за Конески, затоа што православната црква во земјата во која се родил тогаш уште не го познаваше животното и христијанското дело на тие кои болшевиците ги прогонија како непотребни „буржоаски“ интелектуалци. Тие, пак, скиталците руски полни со дух и култура, во својот егзил во Скопје, во Белград, во Прага или во Париз, станаа светилници не само на европската наука, туку и сведоци за руска култура пред револуцијата. „На радост на самего Бога“, истакнува Конески, луѓето како Владимир Мошин го зачуваа во својата личност не само паметењето на руската култура и наука, туку и со личното свештеничко дело придонесоа да остане жива православната вера.

Типична приказна

Приказната на Владимир Мошин, научникот со сеопфатно образование, со грамадно научно дело, кој истовремено е и православен свештеник, е типична за голем број прочуени научници, руски емигранти и во метрополите во Западна Европа. За да се разбере значењето на синтагмата „презирајќи ги фарисеите“ во стихот на Конески, треба да се познава биографијата на Владимир Мошин, но и улогата која скопскиот универзитет ја имал во предвоениот и повоениот период во Југославија. Имено, во Скопје често наоѓале прибежиште научниците кои во Загреб или Белград биле „неподобни“ за режимот, најчесто од идеолошко- политички причини. Во биографијата на Мошин може да се прочита дека во 1967-та го напуштил Белград поради „политички интриги“ и одлучил да се пресели во Скопје, како што вели Конески, да остане со Македонците, „презирајќи ги фарисеите“. Шифрата „фарисеи“ се однесува на научниците кои славата ја стекнуваат служејќи на владејачката политичка идеологија. Тоа, очигледно, одбил да го стори Владимир Мошин. Во Македонија таквите на друго место „неподобни“ научници често стануваа втемелувачи на трајни вредности во научните области во кои работеа. Мошин, византологот, историчарот и филологот, ги започнал студиите во родниот Петроград, а ги продолжил на универзитетите во Тифлис, Киев, Белград и Загреб, каде што докторирал во 1928-та.

Тој е основачот на југословенската палеографија и на македонската наука на словенската писменост. Слично на неговото дело во македонската наука беше и тоа на хрватскиот Евреин Павао Вук-Павловиќ, филозофот со извонредно европско образование, стекнато на предвоените германски универзитети, и основачот на современата „Скопска филозофска школа“. Тој дојде во 1958-та да предава на Филозофскиот факултет во Скопје откако политичкиот притисок врз него, затоа што не беше марксист, го натера да ја напушти академската работа во Загреб, да стане библиотекар, а во 1951-та да се повлече со инвалидска пензија. Во Скопје се врати на академската работа на 64 години, како вонреден, односно, редовен професор. Во тринаесетгодишната работа во Скопје тој го оствари својот сон, основајќи ја прочуената Естетичка лабораторија.

Пријателство и соработка со Блаже Конески

Професорот Владимир Мошин беше тивкиот човек со љубопитен поглед под високото чело и брадичка која не беше вообичаена за постарите луѓе во Македонија. Изгледаше како да излегол од романите на Достоевски или Тургењев. Како студентка по филозофија, неколкупати го здогледав додека разговараше со Вук, како што го викавме нашиот стар професор, во дворот на Шумарскиот факултет, каде што по земјотресот беше сместен Филозофскиот факултет. Сега толку би сакала да чујам дел од нивните тивки дијалози! Тие, всушност, беа врсници, родени во 1894-та. Мошин во руската метропола Петроград, Вук-Павловиќ во хрватското гратче Копривница. Таму, пак, 27 години подоцна, во 1921-та, Мошин и неговата сопруга Олга добиле работа како наставници во гимназијата. Од 1947-1959 работел во Загреб како директор на архивот на Југословенската академија на науките и уметностите. Таму започнала соработката и пријателството со Конески. Во една документација на МРТ, Мошин и Конески раскажуваат за тоа како тој дошол на скопскиот универзитет. Всушност, првпат бил доцент по византологија во Скопје од 1930 до 1932, но дури по 1967-та останал трајно во Скопје. Интересот за македонската филологија се пројавил кога тој во 1950-та станал директор на Архивот на југословенската академија во Загреб, опишувајќи ја нејзината колекција од словенски ракописи. Таа колекција, според него, рaсполагала со голем број ракописи од македонско потекло, а нејзиното изучување го уверило дека тие може да се определат како „македонска рецензија”. Дотогаш во науката тие се нарекувале или „бугарски ракописи” или „македонска категорија на бугарски или јусови споменици“. Првите резултати од описот на словенските ракописи во архивот во Загреб ги објавил од 1951-та до 1952-та.

Тоа го привлекло вниманието на македонските филолози, пред се‘, на Блаже Конески и на Крум Тошев кои набрзо воспоставиле со него блиски односи. Му предложил на Конески да објават серија од македонски ракописи, а за првиот том го избрале ракописот што се наоѓал во Загребскиот архив, „Македонско Евангелие на поп Јован”, кое тој го датирал во тринаесеттиот век. Ракописот бил отпечатен фототипски во Загреб, со предговор од Владимир Мошин, во кој тој опширно ги образложува своите сфаќања за „македонската рецезија”. Конески го оценува Мошин како научник од светски ранг, кој имал особена дарба постојано да поттикнува нови научни истражувања. Активно учествувал во прославата на Св. Климент Охридски во 1966-та, при што била организирана изложба на словенски ракописи која останала како трајна поставка во Охрид. Од 1967-1971 тој во Скопје работел во Одделението за опис на словенските ракописи во Народната библиотека. Го поттикнал создавањето на центар за археографски истражувања, држел предавања по палеографија и го подготвил зборникот со материјали за историјата на македонскиот народ под наслов „Дипломатски корпус“. Од 1971-1974 бил редовен професор на Филолошкиот факултет во Скопје на катедрата за историја на јужните Словени. Член на МАНУ станал 1970-тата. Починал во Скопје во 1987-та.

И професорот Вук-Павловиќ и професорот Мошин биле многу омилен кај студентите и кај помладите соработници, кои и ден-денес раскажуваат за неговата харизматична личност. Кога се работи за македонскиот национален и културен наратив, не смее да се заборава грамадното дело кое во неговите темели го положија научниците кои потекнуваа од друга средина, како Владимир Мошин и Павао Вук-Павловиќ. Познавајќи ја сложената историја на македонскиот народ, тие со голема посветеност работеа на втемелувањето на македонската наука и просвета. Кога Конески во последниот стих се прашува, „дали случаjно било да станеме приjатели ти и jас, стари приjатели? И сега jас, збунет да те испраќам?“, ние, кои денес го паметиме нивното дело, можеме со сигурност да одговориме дека не било случајно тоа пријателство, бидејќи ги обединила нивната важна улога во современиот македонски наратив.

Кица Колбе

извор: ДВ

Back to top button
Close