Владина делегација по повод 11 Октомври се поклони пред спомениците на хероите

 Делегација на Владата на Република Северна Македонија предводена од заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, заедно со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски положи венци свежо цвеќе на спомениците и спомен обележјата во градот херој Прилеп, каде што од вчера и во текот на денешниот ден се реализира свечената државна програма со која се чествува државниот празник 11 Октомври – Ден на народното востание и одбележува 80 години од овој настан со кој во 1941 година беше означен почетокот на народно-ослободителната војна и заокружувањето на раѓањето на македонската држава.

Владината делегација се поклони и положи венци свежо цвеќе на спомениците на народните херои Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифовски-Питу, и на споменикот „Жена борец“, по што ја посети Алејата на народните херои за да им оддаде почит на жртвите во народно-ослободителната војна од Прилеп, град кој даде 650 жртви, и се гордее со 15-те народни херои и 154 носители на признанието „Партизанска споменица 1941“.

Како што се наведува во владиното соопштение, венци свежо цвеќе на споменичните места од народно-ослободителната војна денеска положија и други делегации на државниот врв, на општествено-политичките организации, на Армијата, на борците, на дипломатскиот кор и на гостите од странство.

Државната програма за одбележување на 11 Октомври – Ден на народното востание и одбележува 80 години од овој настан продолжува на „Могилата на непобедените“ во Прилеп со програма која предвидува полагање венци свежо цвеќе и соодветни содржини за чествување на празникот.

На „Могилата на непобедените“ делегацијата на Владата ја предводи премиерот Зоран Заев, кој заедно со другите делегации, гости и граѓаните од Прилеп и од државата ќе ја проследат празничната програма и обраќањата на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, на градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски и на претседателот на Општинскиот одбор на борците од Прилеп, Круме Соколоски, се додава во соопштението.

Back to top button
Close