Владиниот авион е користен согласно со прописите, велат од Влада
Владиниот авион е користен согласно прописите, а секој надлежен орган има право и обврска да изврши увид и контрола, порача денеска Владата оценувајќи дека и опозицијата шири хипокризија и сензационализам.

– Јавно и недвосмислено укажуваме дека владиниот авион е користен исклучиво во согласност со прописите и актите за негово користење, согласно Правилникот за условите и начинот на користење на истиот. Секое користење е евидентирано, документирано и предмет на институционална контрола. Ниту една активност не е надвор од утврдените процедури, ниту постои каква било форма на злоупотреба – се вели во соопштението од владината прес-служба.
Според Владата, особено е симптоматично, како што наведуваат, што опозицијата свесно ја игнорира хуманитарната и државничка димензија на користењето на авионот во ситуации од итен карактер. Јавноста, наведуваат, добро знае дека истиот воздухоплов беше ставен во функција на спасување човечки животи, меѓу другото и при транспорт и координација на активности поврзани со повредените од трагичниот пожар во Кочани.
– Загрижува фактот што истата политичка структура која денес обвинува, во минатото го користеше владиниот авион за патувања кои останаа длабоко контроверзни во јавноста, вклучително и летови до Ниш, во тоа време од патувањата со владиниот авион гледавме фотографии и изјави со кои се манипулираше јавноста – се вели во соопштението.
Владата наведува дека „денешните обиди за морализирање од страна на истите актери претставуваат класичен пример на политичка хипокризија“.
– Кога беа на власт, ги уриваа стандардите на отчетност, ги злоупотребуваа службените ресурси до максимум, а никогаш не иницираа суштински реформи напротив, токму во нивниот период на владеење, јавноста беше сведок на безброј злоупотреби – посочува Владата.
Дополнува дека останува цврсто посветена на принципите на законитост, отчетност и транспарентност. – Секој надлежен орган има право и обврска да изврши увид и контрола, и ние немаме што да криеме. За разлика од политиката на сензационализам и конструирани афери, наш приоритет остануваат конкретните резултати, заштитата на јавниот интерес и унапредувањето на меѓународната позиција на државата, соопшти владината прес-служба.






