Владо Поповски: Промена на државниот грб во лав не е сериозно решение

Идејата за промена на државниот грб во црвен лав на златно-жолта позадина, според универзитетскиот професор во пензија Владо Поповски, не е сериозно решение.

Поповски во вечерашното гостување во емисијата „24 отворено“ на ТВ 24, излезе со ваква оценка бидејќи, како што рече, „тоа би можело да не го задоволни малцинството во Македонија кое би побарало нешто друго што води кон функционален федерализам”.

„Тој лав е со разјарени челусти, со црвено-жолта подлога итн. Тој може да биде прифатлив и за Албанците и слично, меѓутоа по таа измена која е ситна и така да се каже врзување за некоја стематографија и конечно за првото Разловечко востание го имаше тоа знаме, да се отворат прашања кои можат да бидат бидејќи малцинството ќе рече ‘добро еве грбот постои ама не нè задоволува. Сакаме нешто друго што е оставено на трасата на функционален федерализам меѓу Македонците, Албанците и другите’. Затоа сметам дека не е тоа сериозно решение за грбот“,рече Поповски на ТВ 24.

Владо Поповски е еден од авторите на работниот текст на Уставот од 1991 г., а како советник на претседателот Борис Трајковски учествуваше и во преговорите кои завршија со потпишување на Охридскиот договор. Поповски беше министер за правда и за одбрана во различни влади, како и прв директор на Агенцијата за разузнавање. Како носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ, во еден период беше и советник во Град Скопје.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, на чело на Никола Груевски, во 2014 година излезе со предлог за промена на државниот грб кој ќе биде црвен лав на златно-жолта позадина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина.

Меѓутоа, тогаш предлогот не се финализираше во решение, а неодамна универзитетскиот професор Александар Спасеновски, во гостување на ТВ Сител, рече дека враќање на оваа дебата од 2014 година за промена на државниот грб би можела да биде едно од креативните решенија преку кое власта би можела да се обиде да ја придобие опозициската ВМРО-ДПМНЕ во замена за обезбедување на двотретинско мнозинство за уставните измени со кои Бугарите би се вметнале во Преамбулата од Уставот.

По наметнувањето на оваа тема во јавноста, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рњче дека двете теми не се поврзани. Тој беше дециден дека уставни измени нема да поддржат односно дека тоа е затворена тема за него и партијата, но оти за промена на државниот грб може веднаш да се почне постапка во Собранието.

Back to top button
Close