Власта бара итно продолжување на рокот за легализација на дивоградбите

Група пратеници од владејачкото мнозинство, предводени доминантно од ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи по еден од коалиционите партнери ВРЕДИ и ЗНАМ поднесоа измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти по скретена постапка во законодавниот дом.

Барањето за законски измени и продолжување на рокот од нови пет години, односно до март 2031 година за легализирање на дивоградби е иницирано од општина Битола, а поддршка има и од други општини.

Локалните власти ја испратиле иницијативата до ЗЕЛС, национална асоцијација на единиците на локалната самоуправа во Македонија, која ги обединува сите 80 општини и градот Скопје.

Општина Ресен, на пример, соопшти дека во следниот период ќе ја интензивира постапката за легализација на дивоградби, алармирајќи ги граѓаните дека законската можност истекува наскоро.

„Граѓаните кои се уште не е донесено решение за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект поради некомплетност на барањето, истите треба да го дополнат со бараните докази и да ги достават во Општина Ресен, преку архивата на општината, бидејќи важноста на Законот за постапување со бесправно изградени објекти изминува заклучно 4 март оваа година“, нагласија од Општина Ресен.

Управниот одбор на ЗЕЛС, на 3 февруари 2026 година до Собранието, Владата и Министерството за транспорт, доставил барање со цел да се овозможи продолжување на рокот во Законот за постапување со бесправно изградени објекти заклучно со 2031 година.

Во барањето се објаснува дека многу постапки не биле завршени поради судски спорови за правата врз изградените објекти, постапки пред општината, одложување на одлуки заради наследни или други имотно-правни прашања, и други непредвидени причини.

„Во општините се пристигнати голем број на барања и продолжувањето на рокот се бара со цел да се овозможи постапките кои се уште се водат пред општините како надлежни органи да се завршат со донесување на правосилни управни акти. Продолжувањето на рокот не овозможува поднесување на нови барања за постапување со бесправно изградени објекти“, пишува во предлогот.

Во образложението на пратениците се наведува дека членот 2 го уредува влегувањето во сила на законот, кое е предвидено веднаш по објавата во „Службен весник на РСМ“.

„Ова се бара затоа што роковите од законот истекуваат на 3 март 2026 година, а законот не носи суштински промени. Само овозможува општините да ги завршат постапките по поднесените барања, кои поради различни проблеми не можеле да се решат во рок од вкупно 15 години, иако тој веќе двапати бил продолжен“, стои во предлог измените.

 

Ново продолжување на рокот

Законот за легализација на дивоградби го донесе власта на Никола Груевски во 2011 година. Со тој се предвидуваше легализација на дивоградби за едно евро за квадратен метар. Легализациите беа предвидени да се завршат во рок од 10 години, односно до март 2021 година.

Но, општините не успеаја да го завршат процесот, па стана уште поконтроверзен откако законското решение се апдејтираше со ново продолжение до март 2026 година и одредби кои донесоа олеснување за легализација на нови дивоградби, неуривање на постојните, но и амнестија од одговорност на оние што граделе незаконски, а кои кривично беа гонат. Иако ВМРО-ДПМНЕ првично го блокираше законот со 1000 амандмани, подоцна пратеничката група на тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ успеа да го додаде членот 41 во Законот, со кој се стопираа сите граѓански и кривични постапки што се во тек и произлегуваат од постапки за отстранување објекти и постапки во врска со изградба на бесправни објекти од значење за Републиката и од локално значење.

И експертите и невладините организации и тогаш реагираа дека регулирање на статусот на бесправно изградени објекти немаше ни да постои доколку македонските институции на сите нивоа ја извршуваа работата професионално, независно и пред сè законски. Критиките беа дека давањето на нови рокови ја покажува нефунционалноста на институциите, кои во текот на десет години не само што не успеаа да расчистат со бесправните градби туку токму напротив тој процес го охрабрија и оставија комплетно несакнциониран.

Според последните податоци од 2025 година, во Македонија има над 200.000 дивоградби.

Доколку мнозинството во Собранието ги донесе измените, државата ќе се впушти во процес од цели 20 години, во кој повторно ќе се обиде да се завршаат легализациите до 2031 година.PortaliX

 

Back to top button
Close