Власта да обезбеди континуитет во функционирањето на ОТА – бара ЕУ
Повод за ваквиот став на ЕУ е тоа што на актуелниот директор на Оперативно-техничката агенција мандатот му истекува за два дена, односно на 7 септември (четврток), а Собранието дури денеска распиша оглас за избор на негов наследник
Актуелниот директор на ОТА, Зоран Ангеловски, во одговорите на нашите прашања кои вчера му ги испративме по овој повод, иако во околности кога сè уште не беше познато дека Собранието ќе донесе одлука за распишување оглас за избор на негов наследник, предупреди дека доколку ОТА остане без директор, тоа ќе создаде правен вакуум во раководењето со институцијата. Ангеловски за утре во 11 часот пред Собранието најави прес-конференција
Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија очекува од властите во земјава да ги обезбедат неопходните услови за континуитет во работата на Оперативно-техничката агенција (ОТА), која за два дена останува без директор, а Собранието дури денеска донесе одлука за распишување на оглас за избор на нов.
Седиштето на Делегацијата на ЕУ во Скопје и актуелниот директор на ОТА во заминување, Зоран Ангеловски / Фотоколаж: „360 степени“
„Оперативно-техничката агенција има одговорност за следење на комуникацијата со овластување од суд во кривична постапка или во интерес на безбедноста и одбраната на државата. Како таква врши важна функција. Затоа очекуваме властите да ги обезбедат неопходните услови за континуитет на нејзиното работење“,велат од Делегацијата на ЕУ на прашање на „360 степени“ за став во врска со настанатата ситуација во ОТА.
Инаку, во прашањето потсетивме и на тоа дека ОТА, меѓу другото, беше основана, односно е резултат на извештаите на експертската група на ЕУ предводена од Рајнхард Прибе, по скандалот со масовното прислушување, обелоденет во 2015 година, што доведе до реформи во безбедносно-разузнавачкиот сектор, конкретно во пораншената Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК).
Актуелниот директор на ОТА, Зоран Ангеловски, во одговорите на нашите прашања кои вчера му ги испративме по овој повод, иако во околности кога сè уште не беше познато дека Собранието ќе донесе одлука за распишување оглас за избор на негов наследник, предупреди дека доколку ОТА остане без директор, тоа ќе создаде правен вакуум во раководењето со институцијата.
„Оперативно-техничката агенција е основана како самостоен и независен државен орган од страна на Собранието на РСМ со конкретно утврдени законски надлежности и создавањето на правен вакуум во раководењето со истата кој би настанал во сегашните околности по 7 септември, несомнено ќе има импликации и негативно ќе се одрази во нејзиното функционирање. Освен можниот дисконтинуитет во функционирањето и доведувањето во прашање на правниот капацитет на институцијата, со сите ризици кои истите ги носат за целосното функционирање на системот за следење на комуникациите, тука се и остварувањето на правата на вработените во ОТА од работен однос и преземените обврски на Агенцијата поврзани со нејзиното функционирање согласно позитивните-правни прописи, кои ќе предизвикаат негативни финансиски импликации на Буџетот на Република Северна Македонија, како и други прашања поврзани со надлежностите на ОТА, чие ненавремено и несоодветно адресирање може сериозно да ја нарушат перцепцијата и угледот на целокупниот безбедносен систем и на државата во целина. Во таа смисла, иако формално-правно институцијата нема да престане да постои, истата несомнено ќе се соочи со сериозни и бројни предизвици во остварувањето на нејзините надлежности како и при вршењето на работите од страна на вработените кои се поврзани со нејзиното секојдневно функционирање“,
Ангеловски за утре во 11 часот закажа прес-конференција пред Собранието.
Инаку, денеска Собранието, во рамките на 125. пленарана седница, со 83 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, ја изгласа предлог-одлуката за распишување оглас за избор на нов директор на Оперативно-техничката агенција (ОТА).
Но, и покрај одлуката на Собранието да биде распишан оглас, останува прашањето – како ваквиот потег во последен момент ќе го реши проблемот со правниот вакуум што ќе настане, бидејќи на 7 септември ОТА останува без директор, а до изборот на нов ќе помине извесен период во кој Агенцијата ќе биде „обезглавена“.
Актуелниот директор на ОТА, Зоран Ангеловски, за раководител на оваа важна институција во синџирот за заштита на државната безбедност и борбата со криминалот беше избран во Собранието со двотретинско мнозинство, односно со гласовите на власта и на опозицијата на 7 септември 2018 година.
Според Законот за ОТА, мандатот на директорот на Агенцијата трае пет години, без право на повторен избор.
Агенцијата како самостоен и независен државен орган беше формирана по реформите во безбедносно-разузнавачкиот сектор, односно поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК) по скандалот со масовното прислушување и Извештајот на експертската група на Европската комисија (ЕК) на чело со Рајнхард Прибе.
Со серија законски измени што ги уредуваа овие прашања и за кои беше потребно двотретинско мнозинство, УБК доби свој наследник во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), која задржа (голем) дел од надлежностите, додека ингеренциите врз опремата и уредите за прислушување преминаа во ОТА.