Власта ги чека изборите во Унгарија и Србија за да реши кога кај нас ќе има избори – вели потпретседателот на СДСМ, Трајановски

Сега кога ќе дојдете во централа во „Бихаќска“ ќе видите дека нема место каде да ја оставите колата. Ова во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 го изјави потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, сакајќи сликовито да објасни колку е раздвижено во седиштето на опозицискиот СДСМ.
Трајановски рече дека партијата подготвува програмски конгрес и дека посакува да има предвремени парламентарни избори оти е консолидирана на секое ниво.
Трајановски: Да, точно е дека после отчетниот конгрес се спрема еден програмски конгрес кој треба да биде при крај на мај, почеток на јуни. Тоа ќе биде програмски конгрес на кој ќе се претстави платформа на која моментално работат и комисиите кои се, можам слободно да кажам, во полна пареа. И тоа е уште еден доказ дека партијата се движи во правилна насока, затоа што сега кога ќе дојдете во централа во „Бихаќска“ ќе видите дека нема место каде да ја оставите колата, затоа што секојдневно има состанок со комисии, секојдневно има состанок со партиски групи.
360°: Не ви е многу голем паркингот, лесно се полни.
Трајановски: Сакам да кажам, имало ситуации и кога тој мал паркинг бил празен. Така што, партијата некако ја пали својата локомотива и базата функционира, односно комисиите по сите општински организации даваат предлози, оттаму ги црпиме идеите за тој конгрес што ќе биде. Тоа ќе биде програма што ќе биде основа за утрешната изборна програма, кога и да бидат изборите – дали ќе бидат годинава, дали ќе бидат наредната година.
360°: А зошто тоа инсистирање дека ќе има предвремени избори?
Трајановски: Затоа што го знаеме начинот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ досега не издржале ниеден мандат целосно, секогаш оделе на предвремени избори. Така што, мислам дека и во овој случај, можеби оваа година нема да има предвремени избори, но мислам дека 2027 година ќе има предвремени избори затоа што, по мене, тоа е мое лично мислење, се чека на изборите во Унгарија, изборите во Србија, па да видиме како ќе се тера работата натаму.
360°: А вие посакувате предвремени избори?
Трајановски: Апсолутно, ние посакуваме предвремени избори. Прво, затоа што партијата, можам да кажам, дека е консолидирана на секое ниво.
Прашан за проценките за исходот од потенцијални предвремени избори, Трајановски рече дека СДСМ ќе има подобар резултат од претходно.
Трајановски: Дали ќе биде доволен за составување на влада, никој не може да каже. На крајот на краиштата, не значи дека тој што има најмногу пратеници ја прави владата. Колку ние ќе извадиме, ќе зависи само од нас. Да, ВМРО многу помага во тоа со неговите политики, затоа што на секој чекор буквално имаме ние шанса со тоа што ќе го разобличиме како објава да укажеме на тоа дека ВМРО ја води државата во една лоша насока.
360°: Анкетите сè уште одат во прилог на ВМРО-ДПМНЕ.
Трајановски: Анкетите одат во прилог на ВМРО-ДПМНЕ, тоа ни е само мотив да се стегнеме и да работиме повеќе на терен.
Трајановски рече дека партијата отсекогаш го слушала членството, а тој како потпретседател е достапен за сите.
Трајановски: И тоа го покажа Конгресот што го организиравме при крај на месец јануари. И тука имаше доста забелешки и од нашето членство, а имаше и доста конструктивни разговори во смисла како да се тера политиката понатака во самата партија, со тоа што се донесоа некои одредби за кооптирање нови лица во Централниот, Извршниот одбор. Така што, од тој аспект кога ќе го сублимираме сè тоа, следствено на тоа испадна и распределбата во тимови од самата наша партија да ги посетиме сите општински по изборни единици – прва, втора, трета, четврта – да ги посетиме сите членови во самите општински организации.
360°: Се слуша ли гласот на членството, има ли прашања, има ли укажувања од луѓето од базата?
Трајановски: Пред месец дена беше организирана регионална средба во Штип – Изборна единица 3. И таму беа буквално сите општински организации од изборна единица тројка. Ако ви кажам дека траеше цели четири часа. Имаше воведно излагање претседателот Венко Филипче, потоа и дел од раководството, и ги оставивме општинските организации да си ги кажат сите проблеми, сите идеи. Така што, една конструктивна дебата во која апсолутно претседателот и раководството беше отворено да слушне сè.
360°: Има ли критики од базата кон раководството?
Трајановски: Критики имало секогаш. И не е природно да нема критики. Само да си плескаме, да се тапшаме по рамо, не е природно. Природно е да има критика доколку е таа стварно добронамерна, доколку е со цел да се подобри функционирањето на партијата.
На прашањето дали во базата има чувство дека партијата оди во вистинска насока, потпретседателот Трајановски одговори дека атмосферата е многу променета отколку пред една година.
„Кога претседателот е тука да ги сослуша сите проблеми, да ги сослуша сите забелешки, и врз основа на тоа да направиме состанок повторно во централата со цел тие забелешки да се „впијат“, тогаш не може да кажете дека партијата не се движи во правилна насока. Сакам да кажам уште нешто, дека има огромна разлика од пред година дена кога веќе почнаа луѓе сами да пристапуваат со цел да даваат идеи и да учествуваат во самиот процес. Порано, пред година дена, тешко можеше да најдете човек кој сака воопшто да биде во процесот. Сега е дијаметрално сменето. Така што, тоа ми дава надеж дека се движиме во една правилна насока“,рече Трајановски.






