Власта ги збива редовите, в недела состанок на партнерите

Владините партнери в недела ќе одржат состанок на кој се очекува да ја потврдат поддршката на владејачката коалиција и да го реафирмираат ставот дека на земјата во овој момент не ѝ се потребни парламентарни избори, велат извори од владејачката коалицијата. 

Средбата ќе се одржи само еден ден по протестот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред „Илинденска“ број 2. Но, според извори од коалицијата, ниту мотивацијата ниту тајмингот не се поврзани со протестот, туку со обврските на премиерот и на дел од неговите партнери во Владата со и околу годинашниот Преспа форум за дијалог, што ќе се одржи денеска и утре во Охрид, но и други активности.

Според неофицијални информации, претстојните разговори меѓу владините партнери треба да резултираат со заедничка изјава/декларација дека заедно остануваат на ставот дека парламентарните избори треба да се одржат во 2024 година. На ваквиот став би му претходела опсежна анализа и дискусија за актуелната ситуација – низ призмата на актуелните економски и енергетски предизвици, ресурсите и мерките за справување со нив, безбедносно-политичките аспекти во контекст на војната во Украина, како и прашањето за (де)блокада на македонскиот интеграциски пат, кое се наоѓа пред многу неизвесна, но клучна седмица.

Целиот овој сет на прашања би водел кон заклучокот дека во споменатите околности Владата треба да продолжи да дејствува со полн капацитет. Овој став не е нов, и се повторува во секоја прилика кога опозицијата повикува на нужност од предвремени парламентарни избори, обвинувајќи за криминал, отсуство на реформи, на резултати и лажна битка со крупцијата, оценувајќи ја состојбата како „национална катастрофа“.

Влада во полн капацитет

Премиерот Ковачевски, во повеќе јавни настапи ги отфрлаше ваквите обвинувања.

 

„Она што оваа влада го направи во изминатите четири месеци е повеќе од она што некои влади го направиле во четири години“, изјави тој на почетокот на јуни.

Кога Ковачевски стапи на премиерската функција, доминираше оценката дека новата Влада стапува на должност во многу тежок период, обременет со неколку кризи – здравствена, економска, енергетско-финансиска, но и интеграциска неизвесност. Само еден месец подоцна, војната во Украина стана катализатор за поголемо продлабочување на актуелните кризи, и ги зголеми проблемите и обврските на Владата.

„Во време кога се наоѓаме во најголемата економска криза и се води војна во Европа, најмалку што и е потребно на државата се предвремени парламентарни избори, кои во еден период од пет до шест месеци ќе ги закочат сите економски процеси. Имаме функционална власт, имаме парламентарно мнозинство, и Владата функционира во целиот свој капацитет“, аргументираше Ковачевски.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во актуелната ситуација „Владата не е решение, туку проблем“, а „кризите не се увезени, туку автентични, и затоа излез од катастрофалната состојба се предвремени избори“.

По прашањето за предвремени избори минатата недела веќе се изјасни и претставник на коалицискиот партнер ДУИ – шефот на дипломатијата, Бујар Османи, со став дека парламентарни избори ќе има во мај 2024 година, заедно со претседателските. Тој рече дека процениле оти избори сега не се во интерес на граѓаните и државата.

„Тоа треба да го тргнеме од маса како можност за разговори“, рече Османи, потенцирајќи дека фокусот сега треба да се стави врз тоа како да се менаџира кризата.

На состанокот в недела можно е да се отвори и дискусија за релациите на премиерот со помалите коалициски партнери, кои имаат впечаток дека неговата комуникација е доминантно поинтензивна со поголемите партии во коалицијата. Со помалите партии таа комуникација била поголема во јануари, во време на конципирањето на програмските приоритети на Владата, но не и потоа.

Причините за тоа се повеќеслојни, но пред се, резултат на поинтензивната посветеност на надворешно-политичките приоритети, со цел РСМ да исчекори од интеграциското статус-кво.

 

Сѐ ќе стане појасно

На тој план, се уште не е згасната надежта дека може да се случи исчекор, и покрај хаотичната ситуација во соседна Бугарија. Таму денес треба да се гласа за разрешување на претседателот на Народното собрание, Никола Минчев, барање што го поддржаа ИТН, ГЕРБ, ДПС и „Препродба“ и заедно имаат доволно мнозинство. Гласањeто ќе биде и прв лакмус за потенцијално мнозинство кое треба да гласа и за недоверба кон владата на Петков.

А како што објави Бгнес, премиерот Кирил Петков денеска до Народното собрание ќе го испрател францускиот предлог за укинување на ветото за РСМ, како што самиот им навестил на неговите најблиски соработници. Според медиумот, Петков се пофалил дека „во детали е запознаен со шемата како ќе се случи сето тоа“.

„Во четврток (16-ти јуни) официјално ќе биде испратен (предлогот-н.з.) до сите земји-членки на ЕУ, а јас лично утре го испраќам до парламентот. Лично, Емануел Макрон и Олаф Шолц стојат цврсто зад мене. Ќе го прифатиме, после тоа паѓаме и продолжуваме“, објаснил наводно Петков.

Дали и како настаните во Софија ќе се одразат на (де)блокадата на македонскиот пат кон ЕУ, ќе биде појасно во наредните денови. Извори од владината коалиција велат дека таа тема ќе биде една од централните на неделниот состанок на „Илинденска“.

Извор: дв

Back to top button
Close