Власта повикува на сојуз за ЕУ, влезот на АА во Владата зависи од политичкиот договор

Постојат шанси за влез на Алијансата за Албанците во Владата, но тоа ќе зависи и од политичкиот договор, изјави премиерот Димитар Ковачевски. И тој, како и лидерот на ДУИ Али Ахмети повика на сојуз за ЕУ. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која вели дека не отстапува од стратешките цели за влез во ЕУ, не сака да биде дел од ваквиот владин концепт.

– Алијанса за Албанците има изразено политичка волја која што е „за“ европски концепт на државата. Дали ќе влезе во Владата? Да, постојат шанси за тоа. Исто како што кажаа и другите политички лидери. А дали ќе се случи тоа? Зависи од политички договор. Политичкиот договор секогаш има два аспекти – едниот е програмски и другиот е кадровски. Додека не се случи такво нешто, не можеме со сигурност да кажеме дека ќе има уште еден владин партнер, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

Премиерот потенцира дека е отворена можноста за сите оние кои што сакаат да се приклучат кон концептот за европска Северна Македонија и сега е времето да го направиме тоа, бидејќи, како што рече, од нас зависи побрзото пристапување на државата во Европската Унија.

– Не е доведено воопшто во прашање владиното мнозинство, бидејќи доколку ги погледнете и јавните изјави на сите политички фактори, пред се тука мислам на пратениците, никој не го доведува во прашање владиното мнозинство, туку се работи за повеќе за внатрепартиска дискусија која се одвива во одредени политички партии, рече Ковачевски.

Околу иницијативата на лидерот на ДУИ Али Ахмети за „Алијанса за Европа“, премиерот Ковачевски рече дека во земјава постојат два концепта. Едниот концепт,е за „Европска Северна Македонија“ – концепт во кој што политичките партии кои што го поддржуваат СДСМ – партнерите од коалицијата, ДУИ, Алтернатива, Алијанса за Албанците и други политички партии кои го поддржуваат концептот на пристапување и зачленување на земјата во Европската Унија и кои го поддржаа зачленувањето во НАТО.

– И од друга страна, има концепт на политички партии, тука пред се мислам на Левица и на нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ, кои што се против членството во НАТО, што го потврдија во свои јавни изјави и против членството во Европската унија, што сметам дека е погрешен концепт, бидејќи не нуди алтернатива. Дури уште полошо, Левица нуди некаква алтернатива на евроазиска унија, која што во ниту еден случај не е во согласност со определбите на граѓаните на нашата држава, изјави премиерот.

Ковачевски истакна дека вратите се отворени за сите политички партии кои што се за концептот за „Европска Северна Македонија“, односно сакаат да бидат дел од „Сојузот за Европа“.

– Само тоа е патот напред за нашата држава, за да обезбедиме економски просперитет, социјална сигурност и врвно владеење на демократијата и да се исполнат очекувањата на граѓаните кои што ги поставиле пред политичарите пред точно 31 година за независна македонска држава која ќе биде членка на НАТО и на Европската унија, додаде Ковачевски.На повикот за единство кон членството во ЕУ на Ковачевски, опозициската ВМРО-ДПМНЕ одговори преку портпаролот на партијата Наум Стоилковски кој рече дека „Ковачевски не е во единство за ЕУ, туку единствено се занимава со криминал и корупција по налог на ДУИ. Стоилковски притоа го повика премиерот да се посвети на граѓаните и европската иднина.

-Димитар Ковачевски не е во единство за ЕУ, Ковачевски единствено се занимава со криминал и корупција по налог на ДУИ. Наместо европска има криминална агенда. Ковачевски е слуга на Ахмети, наместо да слугува на интересите на граѓаните. Го повикуваме да престане со слугување на криминалот и корупцијата. Го повикуваме вистински да се покаже, доколку тоа го сака, наместо посветеност кон криминал и предавства, Ковачевски да се посвети на вистински дела за граѓаните, рече Стоилковски на партиската прес-конфернција.

Евроамбасадорот Дејвид Гир вчера од Охрид изјави дека скринингот напредува добро, но порача дека она што треба да се фокусираме сега се реформите и нивната имплементација.

– Прво во однос на скринингот точно е дека напредува добро, а претставниците на властите односно стручните лица се добро подготвени и е процес што добро се одвива и продолжува понатаму тоа се добрите вести. Меѓутоа секако скринингот не е единствената работа, друга многу важна работа е спроведувањето на реформите и тука секако дека играат улога повеќе чинители задолжени за тоа, меѓутоа главната одговорност паѓа врз грбот на Владата, рече Гир.

Во рамките на пристапниот процес има фундаментални темелни прашања кои, како што рече Гир, се постојано отворени од почетокот на преговорите се додека не се завршат. Тие прашања се борбата против корупцијата, зајакнување на владеењето на правото и на администрацијата и почитување на човековите основни права и слободи.

 

Прашан за уставните измени и што доколку тоа не успее, Гир рече дека верува оти би дошло до некој застој и дека не може да каже што би се случувало потоа. Кога станува збор, пак, за двотретинското мнозинство, евроамбасадорот додаде дека тоа е внатрешно прашање.

 

– Очекувам Владата сама да го разреши и не можам да се мешам во тие работи затоа што тоа не е во мојата работа, а кога станува збор за уставните измени тие произлегоа од договор за којшто државата се обврза во своите билатерални односи со Република Бугарија, изјави евроамбасадорот.

Таа промена, како што нагласи, е суверена одлука што треба да ја донесе оваа земја. Гир потенцира и дека идентитетот не се губи на патот кон ЕУ.

– Државата има добар историјат на меѓуетнички односи и сметам дека ќе донесе одлука што ќе ги зајакне уште повеќе, без притоа да се поткопа или на некаков начин наруши идентитетот на оваа земја, затоа што идентитетот не се губи на патот кон ЕУ. Меѓутоа бидејќи оваа измена е дел од Договорот којшто беше направен со цел започнување и продолжување со пристапните договори доколку не се направи тоа, верувам дека ќе дојде до одреден застој, а понатаму што би било не би можел да кажам, додаде Гир.

Уставните измени во текот на следните неколку недели или месеци ќе бидат актуелизирани на дебати со граѓанските организации и експерти во однос на нивната содржина, но и во однос на нивното политичко значење, најави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Според Маричиќ, политичкото значење е многу повеќе од само уставни промени на еден дел од преамбулата и на еден амандман на Комитетот за односи меѓу заедниците, туку, како што напомена, овие уставни амандмани имаат значење на практично „зелено светло“ од наша страна, од нашето Собрание, за продолжување на преговорите со Европската Унија.

-Прашањето за уставните измени е прашање кое што е веќе отворено. Ние веќе правиме консултации на експертско ниво, а имавме и лидерска средба во Собранието која што го иницираше тој дијалог. Уставните измени во текот на следните неколку недели или месеци ќе бидат актуализирани на дебати со граѓанските организации и експерти во однос на нивната содржина но и во однос на нивното политичко значење – рече тој.

Back to top button
Close