Власта прави историска кражба, велат од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ реагира дека опозицијата лаже за коридорите
ВМРО-ДПМНЕ обвинува за, како што велат оттаму, историската кражба која ја прави власта со изградба на коридорите.
Оттаму тврдат дека премиерот Димитар Ковачевски јавно признал дека 70 отсто од работниците на Коридорот 8 ќе се увезат од странство и дека ќе можат да работат во Македонија без работни дозвола и без дозволи за престој.
„Наместо повеќе пари за македонските работници и компании, парите ќе се одлеваат за работници од странство, тоа историска кражба во вредност од милиони. Ковачевски и Груби го кријат договорот, затоа што се што потпишале е спротивно од тоа што тие тврдеа. Наместо 51% македонски работници, како што велеа Ковачевски и Груби, ќе имаме 70% странски работници. Ковачевски и Груби прифатиле и во случај на спор, да не важи македонското право, туку правото на Англија и Велс“,велат од ВМРО-ДПМНЕ и порачаа владата да не го крие договорот, оти изградбата на Коридорот 8 ја плаќаат граѓаните.
Вчера и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски објави дека од вкупниот број работници кои ќе учествуваат во изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д, само 30 отсто ќе бидат домашни, а останатите 70 проценти ќе бидат работници од странство.
Од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ намерно пласира невистини во врска, а според нив Николовски е докажан извор на лажни вести.
„Законот е јасен и ги демантира лагите на Николовски и ВМРО-ДПМНЕ. Законот за утврдување на јавен интерес за номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10 е донесен во 2021 година и јасно ја регулира обврската на стратешкиот партнер за ангажирање најмалку 51% домашни работници, како и обврската странските работници да ги имаат потребните дозволи за престој и работа. Во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се менува. Партијата која е симбол на провизии од кинеските патишта, симбол за криминал и корупција со нелегално стекнат имот врз грбот на граѓаните, постојано се противи на секој важен стратешки проект во државата“,реагираат од СДСМ.