Власта се повлече од измените на Законот за заштита на културното наследство: Осум закони за коридорите одат по скратена постапка
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара власта да ги повлече измените на девет закони за изградба на коридорите 8 и 10-д предложени од владејачкото мнозинство и да одат на јавна расправа во консултации со експерти и невладини организации. Опозициските пратеници во знак на револт ја напуштија пленарната седница и најавија дека ќе поднесат суштински амандмани за измените на законите.
И претседателката на владејачката ДОМ и пратеничка Маја Морачанин побара власта да ги повлече законите и најави дека ќе гласа против.
Претседателот на Собранието Талат Џафери информира дека предлагачите на измените на законите за коридорите се повлекуваат од измените на Законот за заштита на културното наследство. Арбер Адеми овластен предлагач на законите за другите измени на законите рече дека бидејќи не станува збор за сложени закони побара тие да се донесат по скратена постапка. Станува збор за Законите за експропријација, за земјоделско земјиште, за урбанизам, за минерални суровини, за работни односи, за шумите, за градење.
Мнозинството ја усвои потребата за донесување на измени на осум закони, по што за нив ќе почне комисиска расправа.