Власта ветува модел за прочистување во судството во првите 100 дена

Прочистување на судството и обвинителството вети новата Влада, а веќе вчера министерот за правда Бојан Маричиќ најави дефинирање на моделот до истекот на првите 100 дена од мандатот.

Маричиќ и вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот Љупчо Николовски ветуваат дека концептот и моделот ќе бидат дефинирани во комуникација со сите чинители во правосудниот сектор.

И од претседателот на Судскиот совет и од претседателот на Советот на јавни обвинители добивам уверување дека заедно ќе работиме на овој модел, како и од државниот јавен обвинител и од претседателот на Врховниот суд. Сите тие ќе се вклучат ефективно во креирањето на моделот, но и во неговото спроведување. Без партнери во  овие клучни институции тешко ќе успееме. Поради тоа ми е важно и одржувам дневна комуникација со сите нив со цел да направиме модел во којшто јавноста ќе верува, да ги отвориме судските институции за поголема отчетност, пристапност кон граѓаните  и јавноста и на тој начин да ги тргнеме сите шпекулации, целата мистерија поврзана со судската власт за да може јавноста да верува  и да има двонасочна  комуникација со судските власти, рече Маричиќ на вчерашниот брифинг со новинарите.

Идејата е, како што појасни Маричиќ, да има концепт во којшто ќе има проверка на имотот на судиите и  на обвинителите, проверка на случаите коишто се застарени или блиску до застарување, проверка на случаите коишто се случиле од висока корупција или висок јавен интерес. Ќе има и ефективна постапка за оние судии и обвинители кај кои ќе се утврди одговорност за непостапување и непрофесионално настапување.

Според вицепремиерот Николовски, процесот на прочистување на правосудството е еден од клучните темели на коалицискиот договор на Владата. На прес-конференцијата во Владата, Николовски рече дека тој процес веќе е започнат со одредени проверки на потеклото на имотот на носителите на јавни функции.

– Бев директно вклучен во самите разговори за договорот. Клучно за државата во моментов се правдата, економијата, борбата против корупцијата, екологијата и уште некои приоритети. Денес кога сите нашите соседи ни се пријатели, кога сме дел од безбедносниот сојуз НАТО, кога се остварени стратешките цели на државата, почнуваме преговори со ЕУ, треба да се зафатиме со работа дома. Граѓаните ја испратија својата порака, сакаат да има одговорност, рече Николовски.

Целта на овој процес, како што појаснуваат надлежните, е да се врати довербата кај граѓаните во правосудниот систем, но и добрите професионалци, односно оние кои добро си ја вршат работата, да бидат наградени, а оние кои не ја вршат добро работата и кои ја зајакнуваат недовербата во правосудниот систем, да бидат отстранети од тој систем.

Back to top button
Close